Александрова до Дурловски: Дали чувстуваш директна одговорност за закрвување на односите меѓу луѓето со своите ставови?

од Берта Китинска

Емилија Александрова, пратеничка од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ упати отворено писмо до Игор Дурловски, поранешниот директор на МОБ и актуелен кандидат за пратеник на опозициската партија – Игор Дурловски.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

„Почитуван колега Дурловски, добредојде во како што сега е тренд да се нарекува НОВАТА МАКЕДОНСКА РЕАЛНОСТ, за која директна одговорност имаш Ти, Јас и сите други политичари од сите партии.

На почеток сакам силно да го осудам овој настан и сакам да те охрабрам случајот веднаш да го пријавиш до надлежните институции а истите тие соодветно да постапат со брза и правична реакција, затоа што ваквите случаи треба од старт да се спречат посебно имајќи го во предвид моментот на се поизвесните избори а следствено на тоа и заоструванње на предизборната реторика.

Колега Дурловски, во целост го разбирам твојот шок од настанот и во целост те разбирам како се чувствуваш. Сигурно си го имаш поставено прашањето, зошто тоа мене ми се случи, што направив, па јас правам добро за државата и верувам во тоа. Се додека човек лично не почувстува на своја кожа не е свесен дека тоа претходно му се случувало и на други….но 100 стапа по туѓ грб не се ништо.

Многу ќе ми беше мило вака храбро да се одважиш и да ги осудиш сите напади на пратениците кои доживеаа вистински терор од неистомислениците. Лични навреди, повици за линч, бесилки, закани кон нашите деца и фамилии. Нешто што не би го посакала никому да го помине.

Да те прашам…дали чувстуваш директна одговорност за закрвување на односите меѓу луѓето со своите ставови, дали мислиш дека тој што те стави на листа е најголемиот виновник за тотално нарушување на меѓучовечките односи како во партијата и надвор од неа, реализирано преку многубројни пресови со заканувачка содржина, индиректно повикување на луѓето на несоодветни реакции притоа кога ќе завршат пред судските органи, се каат и срамат од своите постапки. Но тогаш го нема твојот лидер да им помага.

Еве ако нешто ти значи, јас за мене ќе кажам дека се срамам од некои свои постапки, говори каде што тогаш несвесно влијаев на членството да се радикализира. Им се извинувам длабоко поради тоа. Но тогаш и јас верував во нешто нереално, што е пак друга тема.

Второ прашање…

Што ќе направиш за да помогнеш во насока на нормализација на односите на луѓето во општеството, во партиите, во својата партија. За не само ти да не бидеш жртва, туку после ова свое лично искуство да не бидеш причина за напади на други не истомисленци. Одговорноста е голема, сите се еднакви, …..искрено ти посакувам успех.“

Слични содржини