Алијанса е во комбинација за позицијата на Битиќи

од Nikola Popovski

Алијанса за Албанците за се поизвесниот влез во Влада преговара околу вицепремиерското место за економски прашања, информира за „Локално“ функционер од АА.  Во моментов функцијата ја извршува Фатмир Битиќи од СДСМ.

-Вицепремиерското место е во комбинација, но исто така треба да се чека епилогот и замената на позиции внатре меѓу партнерите од власта.

За другите ресори кои се спомнуваат по медиумите и јавноста, од партијата велат дека во тек се преговори.

-Неофицијално засега можам да ти кажам дека ресорите горе-доле се оние кои се вртат, само треба да се затворат бидејки до крај може да има смена, посочува функционерот.

Додава дека се уште се чека потврда од претседателството на Алијанса за целата листа на ресори кои би биле добиени.

Царина, УЈП, Правда, Здравство, Финансиска полиција беа само дел од ресорите кои се вртеа што наводно треба да ги добие партијата на Арбен Таравари, но повеќе ќе се знае во текот на денешниот ден.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера информира дека има добар прогрес во разговорите со Алијанса. Според него, прогресот е и во програмските определби и во новите кадри. Ковачевски исто така додаде дека не смета дека имало проблем околу Царинската управа и УЈП во договорот за распределба.

-Генерално и немало проблем околу институции. Разговорите се во добар дух и атмосфера која што е насочена кон постигнување на договор, со цел државата да има мнозинство во Парламентот со единствен став за интеграцијата на Македонија, рече премиерот.

Лидерот на АА, Арбен Таравари информира дека преговорите за влез во владината коалиција се при крај и најверојатно ќе завршат до утре. Тој појаснил дека се договорени „поголемиот дел од работите“.

Н.П.

Слични содржини