АЛИЈАНСА ВО ВЛАДА за стабилизација на мнозинството до наредни избори: „Таравари одвнатре полесно ќе ја спроведува својата политичка агенда“

од Nikola Popovski

За денеска е најавена средба меѓу в.д. лидерот на Алијанса на Албанците, Арбер Таравари и премиерот Димитар Ковачевски. Иако претседателот на Владата вели дека домен на шпекулации е разговор за влегување на партијата во Владата, се повеќе се зборува за условите и барањата на АА за евентуално нивно приклучување како дел од владеачката коалиција.

Дел од политичките аналитичари сметаат дека влезот на Алијанса во Владата ќе биде соработка од обостран интерес.

Алберт Муслиу за „Локално“ вели ваквата одлука за власта ќе донесе покомотно мнозинство и функционирањето на Парламентот ќе биде олеснато.

Алберт Муслиу

-Нема да имаат проблем со правење на кворум. Второ, полесно ќе одат кон привлекување на повеќе пратеници за двотретинско мнозинство за уставни измени. Од друга страна за Алијанса ќе значи мало стабилизирање на партијата. Сигурно и кај членството дава поголема мотивација за да се поактивни, смета Муслиу.

Тој не гледа некаква поврзаност меѓу „Огнените“ од ДУИ и Алијанса на Албанците.

-Немало некои спорови меѓу „Огнените“. Тие имале изборни соочувања, но не гледам дека тоа би било проблематично за ДУИ, па дури и верувам дека немаше да се одржи овој состанок ако не беше ДУИ. Не верувам дека во тој правец би се движела ситуацијата, рече Муслиу.

На прашањето зошто Таравари после досегашните „напади“ на Владата сега се одлучува за влез, Муслиу вели дека кога партија е на власт полесно спроведува своја политичка агенда, а и сигурно постабилен е односот со активистите и гласачите.

Аналитичарот смета дека денешната средба и евентуалниот влез на АА помага за уставните измени.

-Бројот се зголемува и бројката на тие кои се потребни за да се стигне до 80 пратеници и службено се намалува, иако албанските опозициски партии начелно го поддржуваа тој процес, истакнува Муслиу.

Аналитичарот Бесим Небиу оценува дека е извесен влезот на АА во Владата.

Бесим Небиу

Бесим Небиу

-Тоа дефинитивно ќе го стабилизира парламентарното мнозинство до наредните избори. Исто така ќе ги приближи мнозинството до бројот од 80 пратеници потребни за отварање и промена на Уставот со амандманите кои се дел од критериумите за почеток на преговарачкиот процес. Исто така, влегувањето на АА во Владата ќе ја остави ВМРО-ДПМНЕ без албански политички партнер, вели Небиу во изјаза за „Локално“.

Според него, со оваа бројка од потребни пратеници за уставните измени „ќе се амортизира и улогата на огнената група на ДУИ, која со 3-4 или претеници кои ги контролира веќе нема да биде во можност да го условува парламентарното мнозинство – бидејќи и без нив владата ќе има 61 пратеник“.

Што се однесува до АА и приклучувањето во Влада, Небиу вели дека дека се работи за прашање на нивна политичка проценка.

-Да се создаде поактивна политичка позиција за нив преку учество во Власта, отколку седење во опозиција заедно со македонската опозиција, со која во последниот период донекаде се нарушија односите, порачува Небиу.

На прашањето која од владеачките партии СДСМ и ДУИ, ќе „жртвува“ министерства за влезот на АА, аналитичарот вели мислам дека делот е најлесен за договорање.

-И двете партии имаат доволен број министерства, потенцира соговорникот.

Н.П.

Слични содржини