Едното од трите крила на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари изразува длабока загриженост во врска со најновите податоци што доаѓаат од Министерството за одбрана, кои сведочат за, како што велат, јасно и неоправдано исклучување на Албанците од институционалната застапеност.
-Од вкупно 120 одлуки за назначување на подофицерски позиции, само 14 се Албанци. Таквата застапеност не само што не ја одразува демографската реалност на земјата, туку претставува и опасен преседан кон систематското исклучување на Албанците од државните институции, вклучително и оние од националната безбедност.
Овој развој на настаните не е административна случајност, туку продолжување на дискриминаторската политика што, за жал, се спроведува под маската на реформи и ветувања за еднаквост. Она што се случува е опасен тренд кон маргинализација на Албанците од процесот на донесување одлуки и државните структури, сметаат од крилото на Таравари.
Партијата ги повикуваме претставниците на коалицијата ВЛЕН и институционалните лидери веднаш да ја прекинат оваа политика на, како што обвинуваат, исклучување и да го вратат почитувањето на фер и пропорционалната застапеност, како што е дефинирано со Уставот и наметнато од мултиетничката реалност на земјата.
-Албанците не се 10% од населението, како што се гледа во овој случај и во многу други слични случаи. Тие сочинуваат 29,52% од граѓаните на оваа држава, според официјалните податоци. Секој обид да се негира оваа реалност е неприфатлив и сериозно го нарушува легитимитетот на државното претставување.
Алијансата за Албанците ќе продолжи да го крева својот глас и да дејствува во одбрана на еднаквоста, правичната застапеност и достоинството на секој граѓанин Албанец во Република Северна Македонија.
Патот што го следеше Алијансата за Албанците, напуштајќи ја моноетничката влада и одбивајќи да остане како сувенир на ВМРО-ДПМНЕ, е правилен. Времето секој ден докажува дека нашето дејствување беше правилно, искрено и во интерес на Албанците, наведуваат од таборот на Таравари.