Алијев постави ултиматум: Ќе ги прекинеме воените операции под овие услови

од Aleksandar Petrovski

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, изјави денеска дека земјата е подготвена да ги запре воените операции во Нагорно Карабах доколку ерменските трупи целосно се повлечат од регионот.

Алиев рече дека Азербејџан мора да воспостави територијален интегритет и дека Ерменија мора да се откаже, како што рече, од „окупациската политика“.

„Наместо тоа, ерменскиот премиер ни поставува услови, тој ни постави седум услови. Јас неодамна изјавив дека ги отфрламе тие услови. Имаме само еден услов – ерменските вооружени сили веднаш да го напуштат нашиот регион”, рече Алијев на состанокот со ранети во борбите.

Тој додаде дека ако ерменската влада го исполни тој услов, „борбите ќе престанат, крвта ќе престане да се пролева и ќе се воспостави мир во регионот“. „Ние сакаме мир и сакаме решение за конфликтот“, нагласи азербејџанскиот лидер.

Тој исто така оцени дека повиците за дијалог се несоодветни, во светло на ескалацијата на конфликтот во Нагорно Карабах.
Во тој контекст, тој посочи дека постои меѓународен формат кој се занимава со преговори, но тој изјави дека тој формат не постигнал никакви резултати.

„Затоа, верувам дека во сегашните услови, повиците на која било страна за дијалог се несоодветни“, рече Алиев.

Според него, единствената причина зошто Азербејџан бил лојален на преговорите е надежта.

„Тие нè охрабрија и ни дадоа одредени сигнали: бидете трпеливи и прашањето ќе се реши“, рече Алиев.

Тој додаде дека претходно предупредил дека доколку преговорите не дадат резултат, Азербејџан воено ќе го реши ова прашање.

„Нашата цел е праведна, сакаме да го вратиме нашиот територијален интегритет и ќе го сториме тоа. Азербејџан мора да воспостави територијален интегритет. Борбите што траат четврти ден имаат за цел враќање на историската правда. Нагорно-Карабах е историска територија на Азербејџан”, рече Алиев.

Тој додаде дека никој не може да ја принуди неговата земја да ги напушти териториите над кои, како што рече, воспоставија контрола за време на четиридневните борби во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах.

„За време на четиридневните борби, азербејџанската армија, спроведувајќи успешни операции, ослободи стратешки коти, неколку населени места. По долга пауза, се вративме во нашата земја, го развиоривме нашето знаме таму и никој повеќе не може да не протера”, рече Алијев.

Слични содржини