Алкохолот предизвикува четири проценти од сите карциноми, мажите се повеќе погодени од жените

од desk4

Околу четири проценти од сите видови на рак се поврзани со консумирање алкохол. До овие податоци дошол тим на експерти кои го проучувале влијанието на алкохолот врз развојот на карцином на глобално ниво.

Изразено во бројки, 741.000 случаи на рак во 2020 година се поврзани со нездрави навики на консумирање алкохол, објавија авторите на студијата.

Студијата за врската помеѓу алкохолот и ризикот од карцином е спроведена од тим експерти предводени од Хариет Румгеј од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC). Студијата е објавена во јули во „Лансет онкологија“.

Мажите се повеќе погодени од жените и отпаѓаат на три четвртини од вкупниот број на случаи.

Проценетата пропорција на карциноми поврзани со алкохол е особено висока во Источна Европа и Источна Азија со околу 6 проценти, при што Северна Африка и Западна Азија имаат најниски стапки.

Меѓу пациентите има претежно луѓе кои консумираат големи количини алкохол. Но, дури и умерените потрошувачи учествуваат со значителен удел, околу 14 проценти; тоа се луѓе кои пијат околу 20 грама алкохол на ден, што е околу две помали чаши вино или половина литар пиво.

„Конзумирањето алкохол е поврзано со голем број повреди и болести, вклучувајќи рак и е водечки фактор на ризик за болеста на глобално ниво“, се вели во студијата.

Алкохолот ја оштетува човечката ДНК и влијае на хормоналната рамнотежа, што може да придонесе за развој на рак, предупредуваат авторите на студијата. Најчести видови на карцином поврзани со консумирање алкохол се карцином на хранопровод, карцином на црн дроб и кај жени рак на дојка. Овие видови на рак предизвикаа смрт на 3,3 милиони луѓе ширум светот во 2020 година.

Слични содржини