Алонсо го пропушти третиот ден од тренинзите за Инди 500

од Vladimir Zorba

Мекларен и Фернандо Алонсо беа принудени да го пропуштат третиот ден од тренинзите за Инди 500 поради инцидентот на двократниот Ф1 шампион од претходниот ден. Ова го остава Алонсо со минимална километража на патеката пред квалификациите за време на викендот.

За двата тренинг денови, во кои Алонсо беше на трасата, тој запиша само 96 круга, а тоа делумно се должи и на проблем во електрониката на возилото. За споредба пилотот, кој заврши најмногу работа на „Индијанаполис“ досега – Спенсер Пигет сврте 302 круга за трите тренинг сесии.

По тешкиот инцидент на Алонсо, од кој тој излезе неповреден, тимот се обидува да подготви нов автомобил за Шпанецот со помош на Карлин, кои се партнери на Мекларен за најпознатата трка од календарот на американските автомобилски серии Индикар. За тимовите, останува само еден ден за тренинг пред квалификациите во Индијанаполис.

„Треба да земеме делови од едниот автомобил и да ги преместиме во другиот. Некои делови треба да дојдат однадвор, треба да го смениме моторот. Сакаме да направиме се на правилен начин“, откри шефот на Мекларен за Инди 500 – Жил де Феран.

Во третиот тренинг, најголема брзина запиша Ед Џонс од Ед Карпентер Рејсинг, кој беше и единствениот пилот во топ 5, чиј автомобил работи со мотор Шевролет.

Слични содржини