Алтернатива ги презема Здравство, МИОА и дијаспора

од Vladimir Zorba

Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи: Министер за здравство; Министер за информатичко општество и администрација; и Министер без ресор задолжен за дијаспора, сподели денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција, на која соопшти дека со претседателот на партијата, Африм Гаши, постигнале договор за обезбедување стабилно парламентарно мнозинство.

-Владата ќе воведе неколку министри без ресор со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици. Од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици министри, од кои еден во Министерството за образование и наука и еден во Министерството за култура. За третиот ресор останува дополнително да прецизираме, иако разговаравме за заменик министер за земјоделие, изјави Заев.

Алтернатива ќе преземе одговорност во менаџирањето на раководните и управувачките органи во повеќе институции на централно и подрачно ниво. Меѓу нив, од поважните ги се МЕПСО, Фондот за пензиско и здравтсвено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др.

– Гаши ќе ги претстави договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма. Тие се однесуваат најмногу на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на инстиуциите, посочи премиерот.

Тој изрази благодарност за постигнатата согласност Алтернатива да биде дел од парламентарното мнозинство и од Владата, и особено за покажаната подготвеност во решавањето на предизвиците да учествува „со квалитетен придонес и со јасно утврдена одговорност во интерес на граѓаните и земјата“.

Слични содржини