„Алтернатива го искористи моментот“: Има ли незадоволство во владејачката коалиција по договорот со Гаши?

од Берта Китинска

Владејчкото мнозинство се стабилизира на 64 пратеници.Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши склучија договор за соработка во Владата

Премиерот Зоран Заев имаше средба со коалиционите партнери, со цел да им образложи што е договорено со Алтернатива, за влез во Владата.

По средбата, Тито Петковски, претседател на НСДП во изјава за медиумите рече дека разговарале околу тоа што како коалиција треба да направат за земјава да не се втурне во предвремени парламентарни избори.

– Мислам дека на Македонија во овој момент не и се потребни вонредни парламентарни избори. Мислам дека е добро што се зголемува парламентарното мнозинство за уште четири пратеници. Останува еден од Беса и четворица од Алтернатива што сметам дека е пристојно парламентарно мнозинство – рече Петковски.

Според него, Алтернатива го искористила моментот кога на Владата и треба помош, да истапи со „максималистички“ барања. Петковски вели дека не станува збор за зачувување на државните интереси, туку преферирање на партиските интереси да се добие политички профит и функции, наместо на прво место да се евроинтеграциите.

– Ако гледате низ призма што се нуди со зголемувањето на парламентарното мнозинсво и што бара Алтернатива, проценител ќе каже дека Алтернатива бара многу од СДСМ и коалицијата. Местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии. Не станува збор за новоотворени места, туку за места кои ги имале СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА. Не се измислуваат нови работни места. Тоа ќе го добиете како детално објаснување и од премиерот и од Алтернатива – рече Петковски.

Тој додаде дека како партија не бараат ништо и оти е најважно да се зголеми парламентарното мнозинство и Владата да има сигурна поддршкка.

Мирослав Јовановиќ од Српска странка изјави дека преговорите ќе траат уште недела дена.

– После, кога ќе биде новиот претседател на СДСМ кој ќе се избере на 12 декември, заедно со премиерот да седнеме и да се договирме за сите детали, мислам дека идната недела околу 14-ти треба да се договориме за сите детали – рече Јовановиќ.

По вечерашната средба на владината коалиција, Павле Трајанов, лидерот на Демократски сојуз, во Дневникот на „Сител“ информираше дека премиерот Зоран Заев ги собрал коалициските партнери на разговор околу кадровските решенија во новата влада и текот на разговорите со Алтернатива.

-Немаше некоја посебна расправа или развиена дебата. Премиерот зборуваше и за спорот со Бугарија. Владата не треба да биде фактор на дестабилизација. Повеќе министерства без ресор е несоодветен, вештачки потег. Се плашам за негативна рефлексија врз меѓуетничките односи, вели Трајанов.

Пред почетокот на средбата, пак, тој нагласи дека се прават пошироки консултации по што ќе се донесе некаков координиран заеднички став, но според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена.
Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега Владата на СДСМ -ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата, рече Трајанов, посочувајќи дека очекува да види во кои правци ќе се движи новата влада, како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија, како и дали ќе се даде фокус на стратешките прашања.

Во новиот состав на Владата, освен министерските и заменичките места, партијата на Гаши ќе добие и функционерски места во повеќе централни и подрачни институции, меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници, Клиничкиот центар во Тетово, Агенцијата за странски инвестиции и други. Ваков договор потпишаа вчера премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

За составот на новата влада ќе одлучува новиот мандатар, кој треба да биде избран на 12 декември, по повлекувањето на премиерот Зоран Заев од функцијата. Но, за помалите партии спорни се неколку моменти од договорот.

Слични содржини