Алтернатива со начелна согласност за влез во владата

од Берта Китинска

Постигната е начелна согласност за влегување на Алтернатива во владата. По речиси четиричасовни преговорири премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, го усогласиле програмскиот дел од можното владино коалицирање, а ги почнале и разговорите за кадровските поместувања кои ќе мора да ги претрпи сегашната влада по влезот на Алтернатива во неа.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Гаши се согласите дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата, мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите, со цел да се обезбедат најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се Ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза, се вели во соопштението.

„Се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт“, се вели во соопштението на владината прес-служба.

Во него се наведува дека следните денови ќе продолжат консултациите во партиите и дека ќе следи нова средба меѓу Заев и Гаши.

Во Алтернатива велат дека нивниот евентуален влез во власта би бил за да се продолжи евроатлантскиот курс на земјата, да се реши спорот со Бугарија и да почнат преговорите за членство во ЕУ, како и да се задржи политичката и економска стабилност.

Пред дваесетина дена не успеа гласањето за недоверба на владата, кога пратеникот Кастриот Реџепи од Беса се пишмани и не ја поддржа опозицијата, откако неговата партија ја напушти владината коалиција. Со тоа парламентот се доведе во невообичаена ситуација никој да нема мнозинство. Опозицијата во моментов има 60 пратеници, исто колку што има и владиното мнозинство.

Заради обезбедување мнозинство за функционирање на Парламентот, владејачката СДСМ преговара за влез на Алтернатива во власта, на местото на Беса која замина во опозиција.

Слични содржини