Амандманска расправа за законските измени за намалување на ДДВ-то за струјата

од Берта Китинска

Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за финансирање и буџет ќе ја продолжи вчера започната седница и тоа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка, во второ читање. Со измените се предлага намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти.

Пратениците расправаа по првиот амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бара стапката на данокот на додадена вредност за електрична енергија од пет проценти да важи не само за домаќинствата, туку и за компаниите и за индустријата.

Опозицијата има поднесено уште еден амандман со кој се предлага стапката од пет проценти да продолжи да важи и во ситуација ако цената на струјата остане иста или продолжи да расте и во иднина.

Комисијата вчера го разгледа и Предлог-законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка во второ читање. На Предлог-законот беа поднесени четири амандмани од страна на пратеникот Љупчо Балковски, но тие беа одбиени.

Слични содржини