Америка одобри продажба на оружје на Израел во вредност од 735 милиони долари

од Vladimir Zorba

Американската администрација на Џо Бајден одобри продажба на прецизно оружје на Израел за 735 милиони долари. Таа одлука беше објавена само една недела пред почетокот на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

Американскиот Конгрес бил информиран на 5 мај за одлуката САД да одобрат продажба на оружје на Израел, објави „Вашингтон пост“.

Некои конгресмени побараа повеќе одговори за деталите за продажбата и да се искористи како форма на притисок врз Израел.

„Одобрувањето на продажбата на „паметни бомби“ на Израел во време кога траат конфликтите и без да се натера Израел да се согласи на примирје, може само да доведе до нови конфликти во иднина“, изјави еден американски конгресмен за американскиот весник.

Американската администрација е должна да го известува Конгресот за вакви одлуки и вообичаено е тие да се носат само откако Конгресот неформално ќе се согласи со нив, според „Вашингтон пост“.

Според одлуката на американската администрација, САД имаат намера да му продадат на Израел системи кои таканаречените „глупави“ бомби ги претвораат во „паметни“, прецизно водени ракети. Израел претходно ги има купено овие системи од САД.

Комитетот за надворешни работи на американскиот конгрес потврди дека на 5 мај добиле известување за намерата да го продадат оружјето на Израел, произведено од „Боинг“.

„Вашингтон пост“ наведува дека тоа ја зајакнало поделбата меѓу демократите на Капитол Хил во врска со поддршката за Израел.

„Не можеме само да ги осудиме истреланите ракети од страна на Хамас и да ја игнорираме израелската државна политика за насилство врз Палестинците“, рече конгресменот Марк Посан.

Сепак, друга струја наведува дека „Израел има право да се брани“.

Поради ваквата поделба меѓу демократите, во партијата на претседателот Џо Бајден почнаа да се слушаат гласовите на оние кои ја доведуваат во прашање неговата „посветеност кон човековите права“ и кои бараат поголем притисок врз Израел, објавија некои американски медиуми.

Слични содржини