Американците побогати од кога било благодарение на државната помош

од Stefanija Kuzmanovska

Богатството на американските домаќинства достигна историски максимум во вториот квартал, бидејќи нивните банкарски сметки беа исполнети со пари од помошта од федералната влада поради кризата со Ковид-19, се вели во студијата објавена денес од страна на Американската централна банка (ФЕД).

Вкупното богатство на американските домаќинства и непрофитни организации достигна скоро 119.000 милијарди долари во кварталот помеѓу април и јуни, што е највисоко забележано ниво.

Тоа е малку повеќе од претходниот рекорд, од нешто повеќе од 118.000 милијарди долари, регистрирани во последниот квартал на 2019 година, кога американската економија беше на својот врв, по десет години раст.

Меѓутоа, пандемијата на Ковид-19 која ја погоди земјата од март и ги принуди властите да воведат мерки за изолација влијаеше на богатството на домаќинствата, кое опадна на 111.000 милијарди долари во првиот квартал од оваа година.

Како последица на тоа, долгот на домаќинствата во САД порасна побавно во периодот од април до јуни, за 0,5 проценти на годишно ниво, отколку меѓу јануари и март, кога порасна за 3,8 проценти. Ситуацијата би можела да биде помалку розова во третиот квартал.

Финансиите на Американците се влошуваат бидејќи чековите за помош се веќе исплатени, некои невработени лица веќе немаат право на бенефиции за невработеност по шестмесечна непрекината помош, а милиони луѓе сè уште не најдоа работа.

Белата куќа и членовите на Конгресот, кои разговараат на оваа тема скоро два месеци, не успеваат да се договорат за новиот план за економска помош.

Кога станува збор за компании кои мораа да престанат со активности, а подоцна да започнат да работат повторно, понекогаш делумно или бавно, нивниот долг се зголеми за 14 проценти на годишно ниво, забавувајќи малку во споредба со вториот квартал кога скокот беше 18,4 проценти.

За споредба, долгот на компаниите во САД максимално растеше 7,1 процент годишно во последните години. Владата на САД потроши милиони милијарди долари од крајот на март за да им помогне на домаќинствата и деловните субјекти да се справат со кризата со коронавирус. Државниот долг скокна 58,9 проценти во вториот квартал, откако порасна за 11,4 проценти во првиот квартал. Во 2019 година, државниот долг се зголеми за 6,7 проценти.

Слични содржини