Ана Камчева во вторник ќе сведочи за парите дадени во кутија за кондури

од Aleksandar Todeski

По долгите најави и сите новинарски текстови за тоа како течел случајот „Рекет“, конечно се одржаа две рочишта за тоа како Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичевски зеле 1,5 милиони евра од бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во случајот „Империја“ кој го отвори СЈО.

Фото: Борче Поповски

Со присуство на голем број медиуми, но и претставници од амбасадите во земјава, на првото рочиште дојде и првото признание на вина, од третообвинетиот Кичевски, некогаш близок соработник на Камчев, кој доби казна затвор од три години. Наспроти неговото доброволно признавање на вина, Јовановски и Јанева останаа на ставот дека не се нималку виновни и дека тоа ќе го докажат низ судските рочишта.

На второто рочиште, требаше да сведочи брачниот пар Камчеви, Јордан, кој дал еден милион евра од рекетот и неговата сопруга Ана, која дала половина милион евра додека нејзиниот сопруг бил во притвор. Сепак сведочењето на Камчева останува за вторник, поради тоа што за претходното рочиште кое се одржа во петокот, таа имала покачена температура.

Додека оштетениот Камчев велеше дека Јовановски му ветувал дека ќе има спогодба доколку ги даде парите, а откако неговата сопруга веќе дала половина милион евра, тој одлучил да снима како дополнително дава милион евра, првообвинетиот Бојан Јовановски го прашуваше што друго имало во торбата Луј Витон и дали торбата подоцна била вратена кај него.

Камчев пак, инсистираше дека Јовановски му рекол оти обвинитлката Лиле Стефанова и второобвинетата Катица Јанева ќе средат се околу случајот „Империја“, кога тој ќе ги даде парите, но и дека случајот го пријавил кај премиерот Зоран Заев, кој бил запрепастен и го советувал доказите да ги однесе кај обвинителката Вилма Русковска.

Беше споменато и името на министерот за здравство, Венко Филипче, кој учествувал на средба со Јовановски и Камчев, но како што рече оштетениот, на таа средба се разговарало за јавно-приватно партнерство за некаква клиника, идеја на Јовановски за која не биле заинтересирани ниту министерот Филипче ниту бизнисменот Камчев.

И наспроти тврдењата на опозицијата дека во случајот се вмешани политичари, оштетениот Јордан Камчев излезе со спротивен став, дека во неговиот случај немало ниту еден политичар вмешан. Во судница кажа дека Јовановски му покажувал фотографии со политичари од владејачката партија, а често ги викал и на гости во телевизијата за да покаже блискост со нив, со цел полесно рекетирање на бизнисмени.  Како вмешани во случајот, Камчев ги спомена и судијката Весна Димишкова, која била истражна судијка за случајот „Империја“, и нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков.

Следното рочиште треба да се одржи во вторник, кога ќе сведочи Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, која во кутија за кондури му ги дала првите 350.000 евра на Боки, а на Кичевскиот во ќесе од продавница уште 150.000 евра.

Јовановски и Милевски беа уапсени на 15 јули годинава, првиот на граничниот премин Богородица, вториот во Скопје. На истиот датум и беше одземен едниот телефон на тогаш Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а вториот, за кој тврдеше дека и бил изгубен, Обвинителството за организиран криминал и корупција го најде една недела подоцна, кај сестрата на девојката на Лазар Јанев, нејзиниот син.

Од тогаш, Јовановски и Милевски беа во притвор, а се вршеа разговори со повеќе лица кои би можеле да бидат сведоци во случајот. Еден месец по нивното апсење, на 21 август беше уапсена и Јанева, како второосомничена во „Рекет“. По завршувањето на истрагата и неполн месец пред да почне судењето, Милевски и Јанева беа пуштени во домашен притвор.

Слични содржини