Аналитичари: Потребен ли е референдум за францускиот предлог за започнување преговори со ЕУ?

од Vladimir Zorba

Модифицираниот предлог на францускиот претседател, Емануел Маркон за почеток на преговорите на С.македонија со ЕУ ги натера граѓаните да го изнесат својот гнев на улиците, додека Владата со своите партнери, опозицијата и граѓанските здруженија почна да спроведува широки консултации.

Голем број експерти имаат сериозни забелешки за францускиот предлог – додека едните се согласуваат дека за ова „судбинско прашање“ треба граѓаните да се изјаснат преку референдум, други сметаат дека за тој процес да се спроведе, треба подолг временски период и пари и би предизвикал етнички тензии.

-Францускиот предлог сносни исклучителна важност за развојот на општеството во иднина и насоката на истиот тој развој. Оттаму, важно е да се чуе и види мислењето на народот преку референдум, без разлика дали е обврзувачки или консултативен, вели во разговор за „Локално“, политикологот Иво Ранѓеловиќ.

Според него не е само референдумот важна работа, туку битна е и расправата во Собранието и гласањето по ова прашање.

-Изјавите, пак, дека нема време за референдум се несериозни, бидејќи станува збор за тема од судбиносен карактер за едно општество. Времето никогаш не е повредно од достоинството на еден граѓанин, смета тој.

Во однос на тоа дали очекува сличен епилог како при референдумот за Преспанскиот договор, тој вели дека тогаш околностите биле значително поразлични, односно „народот се чувствува изманипулиран и гневен од препреките на патот кон ЕУ“.

Иво Ранѓеловиќ

Иво Ранѓеловиќ

-Не очекувам рефлексија на резултатите од референдумот за Преспанскиот договор, поради тоа што сега околностите се значително различни, односно народот се чувствува изманипулиран и гневен од препреките на патот кон ЕУ. Во таа насока, на маса се нуди предлог кој дополнително гази по сентиментот на Македонецот и претставува, за жал, нова точка на поделба во општеството. Утре да има референдум, тој ќе биде формално успешен, но не во полза на францускиот предлог. Всушност, тоа е главната причина зошто нема да има референдум, подвлекува Ранѓеловиќ.

Политикологот Џенур Исени за „Локално“ е дециден дека не треба да има референдум бидејќи тоа, според него, е „само губење време во овие тешки околности“.

-Референдумот е демократски механизам, како што се изборите и креирање на влада, а ова последната има демократски легитимитет за носење на државни одлуки. Ако одиме на референдум за секоја државна одлука, тогаш нека престанат со работа политичките партии, и да одиме на технократска влада. Затоа, апсолутно сметам дека не треба да има референдум, бидејќи тоа е само губење време во овие тешки околности. Не, затоа што како прво за реализирање референдум треба многу пари, земајќи во предвид тешката финансиска криза, а од друга страна е губење време, а Европа не може да не чека нас, подвлекува Исени.

Тој е на мислење дека референдумот би создал уште потешка политичка криза, како и подгревање на „меѓуетничките тензии кои и така се многу кревки“.

-Земајќи предвид протестите кои се одржуваат овие денови се неверојатен говор на омраза против Албанците, односно против „клетите шиптари“, Албанците и покрај тоа што беа многу коректни за македонскиот јазик и идентитет, на референдумот сигурно би гласале „ЗА“ францускиот предлог, а тоа ќе подгрева уште поголема омраза кај македоснките ултранационалисти кои што се изолирани во средниот век. Да протестираш против една држава, а да обвиниш тотално друга етничка заедница, односно Албанците, е тотално неразбирливо и недозволиво, но очигледно дека цела оваа ситуација им одговара на некои центри на моќ. Но, се поставува и друго прашање. Сега кој ја сака оваа држава повеќе. Овие кои извикуваат “клети шиптари“, или Албанците кои седат мирно и сакаат оваа земја да биде сигурна и просперитетна со почнување на преговорите со ЕУ, смета тој.

Џенур Исени

Џенур Исени

Исени вели дека со Преспанскиот договор не сме изгубиле ништо, а сме станале дела од НАТО, благодараение на неговото потпишување, додавајќи дека и во овој момент со францускиот договор „нема да изгубиме ништо“.
-Сега дали референдумот би имал сличен епилог како на Преспанскиот договор е друго прашање. Но, јас го поставувам прашањето, што изгубивме со Преспанскиот договор. Не изгубивме НИШТО, а влеговме во НАТО, а тоа се покажа круцијално во ова време со кризата во Украина. Така и во оваа ситуација, нема да изгубиме ништо. Македонскиот јазик е прифатен и се отвараат преговорите, вели тој.

Трајанов побара референдум за францускиот предлог

Лидерот на Демократски сојуз и пратеник, Павле Трајанов пред неколку дена изјави дека дефинитивната одлука за францускиот предлог треба да ја верифицира Парламентот.

– Клучно е целиот процес сега да биде презентиран пред граѓаните и да се види гласот на народот. Голем број експерти имаат сериозни забелешки за францускиот предлог и тоа мора да се респектира. Јас предлагам доколку остане вака рамката, да се изјаснат граѓаните за тоа преку референдум. Ако тие поддржат, определбата на граѓаните е да се оди напред. Треба да градиме пријатели и да ја објаснуваме нашата позиција, појасни Трајанов.

Б.М.

Слични содржини