Аналитичари: Високите тензии и постојаната политичка криза ќе придонесат и оваа кампања да биде на високи и негативни тонови

од Nikola Popovski

Негативна реторика и напади кон спротивната страна ќе бидат карактеристични и за оваа кампања за парламентарните избори, што може да се согледа и од секојдневните партиски препукувања, на еден месец пред отпочнување на официјалната кампања. И самиот премиер Оливер Спасовски неделава рече дека ова ќе биде една од „највалканите“ кампањи досега. Аналитичарите за МИА велат дека поголем ефект за граѓаните на овие избори би имало давањето еден нов импулс и нов ентузијазам, отколку негативна кампања и напади кон противникот. Тие за МИА велат дека негативната кампања може дополнително да влијае на намалување на излезеноста, но не драстично, бидејќи станува збор за парламентарни избори.

На прашање од МИА дали евентуалното добивање датум за преговори со ЕУ во март, би имало некакво влијание врз изборните текови, тројцата аналитичари се на различно мислење. За едни тоа би дало поттик на оптимизам и валидација на сегашните политики на власта, додека за други тоа е нешто што граѓаните го очекуваат 11 години и затоа не може да има посериозно влијание врз изборните перцепции на граѓаните.

Аналитичарот Петар Арсовски за МИА рече дека високите тензии и постојаната политичка криза ќе придонесат и оваа кампања да биде на високи и негативни тонови.

– Мислам дека, и покрај формалните заложби на партиите за позитивна кампања, реалноста ќе биде на ниво на конфронтација, смета Арсовски.

На слично мислење и аналитичарот Алберт Муслиу, кој смета дека предизборната кампања ќе биде една од „највалканите“, од причина плус што, според него, партиите во своите блокови немаат голема разлика во анкетите, така што ќе се трудат таа маргина да ја надополнат со негативна кампања.

– Според мене, тоа е погрешно, затоа што искуството во минатото ни покажа дека, па дури ни прислушуваните материјали не беа одлучувачки за граѓаните. Мислам дека треба да се наметне нов ентузијазам за граѓаните, нова надеж, и тоа ќе биде поефективно отколку негативната кампања кон спротивниот блок, рече Муслиу за МИА.

Во врска со лажните вести, кои се сè повеќе присутни, Муслиу смета дека нашите политички гарнитури, секој од свој интерес не покажаа ниту доблест, ниту храброст за да го регулираат тој сектор.

Слични содржини