Анализа на изборите во БиХ: До кога меѓународната заедница ќе го толерира „руско-унгарецот“ Додик, кој прави сѐ за да го дестабилизира Балканот?

од Nikola Popovski

Додека официјалните резултати од изборите во Босна и Херцеговина ќе бидат табелирани во наредните недели – поради одложеното пребројување на гласовите на дијаспората; бавниот процес на Централната изборна комисија и нерегуларности кои на места ги одложија изборите – најголем дел од гласовите се преброени, а има многу експерти кои шпекулираат за нивните последици. По пребројани 83 отсто од гласовите, Партијата за демократска акција (СДА) и Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) освоија најмногу гласови за Парламентарното собрание на БиХ. За Република Српска, според прелиминарните резултати, Алијансата на независни социјалдемократи освоила 223 272 гласа или 42,04 отсто. Српската демократска партија освоила 98 802 гласа или 18,16 отсто.

Срѓан Пухало

Во обид да дознаеме во кој правец се движи БиХ после овие избори, „Локално“ поразговара со двајца политички аналитичари од земјата. Според аналитичарот Срѓан Пухало, општ е впечатокот дека во БиХ победија националните партии, како СНСД, СДА и ХДЗ БиХ, но држава е така структурирана што на крајот сите ќе бидат победници во барем еден од 10-те кантони, во ентитетот (имаат два од нив) или на ниво на држава.

-Сега се водат преговори за коалиции за различни нивоа на власт, па дури потоа ќе видиме кои се вистинските победници или губитници, вели Пухало за изборите.

Тој смета дека најголем губитник на изборите е Бакир Изетбеговиќ, син на покојниот Алија Изетбеговиќ.

-Бакир загуби од коалицијата од 11 партии претставена од Денис Беќировиќ за местото бошњачки член на Претседателството на БиХ. Добри резултати постигнаа Демократскиот фронт на Жељко Комшиќ и „Народ и Правда“ на Дина Конаковиќ во Федерацијата Босна и Херцеговина и Небојша Вукановиќ во Република Српска, информира Пухалот.

Аналитичарот истакнува дека во однос на ситуацијата во Република Српска, професорката Јелена Тривиќ му била силна конкуренција на Милорад Додик и се борела како лав, но загубила по прогласената победа.

-Тешко е да се каже во кој правец ќе оди нејзината политичка кариера по овој скандал, констатира Пухало.

На прашањето дали може да се очекуваат некакви промени во земјата на нејзиниот евроинтеграциски пат, Пухало оценува дека нема да има радикални промени, бидејќи партиите што досега беа на власт, ќе продолжат и понатаму.

-Нема причина да го променат однесувањето што го имаа досега, во однос на евроинтеграциите. Мора да имаме предвид дека се уште не знаеме кој ќе биде на власт на одредено ниво на власт, па затоа е неблагодарно да се даваат проекции за иднината, дециден е аналитичарот.

Во однос на тесната „врска“ меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и лидерот на СНСД и кандидат за лидер на Република Српска, Милорад Додик, Пухало вели дека двајцата се откриле за време на мигрантската криза на Балканот и ги обединила антимигрантската политика, исламофобијата, разбирањето на руската политика и општиот конзерватизам.

-Има уште една алка, која не смееме да ја заборавиме, а тоа е претседателот Вучиќ. И Орбан и Додик се гледаат себеси како конзервативци, чувари на христијанска Европа и нејзините вредности и имаа поддршка од администрацијата на Трамп, заклучува Пухало.

За професорот по филозофија и политички аналтичар, Драган Бурсач, резултатите од изборите се повеќе или помалку очекувани.

Драган Бурсач

-Можеби некој беше изненаден од поразот на Изетбеговиќ, но тој всушност беше казнет од своите гласачи за големото неработење. Од друга страна сепак гласаа за неговата партија САД. Во РС, Миорад Додик повторно се извлече и стана претседател на ентитетот. Да, имаше изборни кражби, за кои опозицијата со право го обвинува, но мислам дека тоа не е пресудно за нејзиниот пораз. За жал, населението е толку наклонето кон Русија и Путин, а Додик играше на таа карта, поради што тука нема многу помош, вели Бурсач за „Локално“.

Аналитичарот вели дека очекувал граѓанска партија како што е „Nasa stranka“ да освои повеќе гласови, но тоа не се случи.

-Можам да кажам дека потфрлија, како и целата опозиција во Република Српска, која или стагнира или уназадува, смета тој.

Околу противкандидатката на Додик, Јелена Тривиќ, Бурсач вели дека по сопствено признание, таа е „жена-четник“.

Идеолошки гледано, таа е уште поголема „десничарка“ од Додик. Од таа гледна точка, во Република Српска нема вистинска опозиција, постојат само ривалите на Додик. Ја имаше поддршката од режимот на Вучиќ во Србија и неговите таблоиди, бидејќи преку неа тој полесно ќе го контролираше овој дел од БиХ, но изгуби поради една клучна разлика – Додик е добар со Путин и Орбан, а народот тоа го сака, категоричен е професорот.

После изборите, според него, БиХ е на пресвртница.

-Земјата мора да покаже дека е држава и сигурен сум дека тоа ќе го направат господата Комшиќ и Беќировиќ. Сега е друго прашање колку ќе им возврати Жељка Цвијановиќ, ѕвездата на Додик во Претседателството на БиХ, како и хрватската националистичка компонента во Парламентот, која дејствува преку ХДЗ и Драган Човиќ, објаснува Бурсач.

Орбан веќе му честиташе на Додик, а аналитичарот има интересен став околу тоа.

-Додик е најверниот и најдиректниот играч на Путин на Орбан на Балканот и логично е да го штитат. Додик тоа не го крие. И ова е повеќе прашање за меѓународната заедница, до кога ќе го толерира „руско-унгарскиот човек“ Додик, кој прави сѐ за да го дестабилизира Балканот. На крајот на краиштата, Додик го има и Милановиќ од Хрватска за свој сојузник. Кога работите ќе се постават на овој начин, без директна акција на Западот, БиХ се соочува со перманентна криза произведена од страни кои сакаат да ја уништат и ги има во се поголем број, посочува Бурсач.

Н.П.

Слични содржини