Анализа: САД сфатија дека ДУИ не е едниствената албанска партија која ги застапува интересите на Албанците

од Ивана Рамаданова

Која порака кон ДУИ и другите политички субјекти испраќа посетата на САД и средбите во Стејт департментот на лидерот на Движењето Беса, Билал Касами. Дали ДУИ на изборите ќе има сериозни два конкуренти – БЕСА преку коалицијата со СДСМ и самата СДСМ, која исто, така ужива сериозна поддршка кај албанскиот електорат.  Дел од познавачите сметаат дека ќе беше убаво и тие да направеа предизборна коалиција со некоја партија од другите етнички заедници и да бараат глас и поддршка од сите граѓани на Македонија, а не само од припадниците на својот „етнички блок“.

Поранешнит независен пратеник, Павле Богоевски смета дека САД упатуваат еден вид порака дека тој модел на предизборно коалицирање може да  биде фактор за подобро внатрешно интегрирање на земјата и за нејзина поголема политичка стабилност, вели професорот Спасов по посетата на лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, на Вашингтон

“Како стратешки партнер на Република Северна Македонија, САД отсекогаш поддржувале политики кои најдобро одговараат на евроатланските аспирации на државата, ја јакнат кохезијата помеѓу различните етнички заедници и се во насока на градење мир и стабилност во државата и регионот. Така, тие отсекогаш имале различен однос кон политичките субјекти во РСМ, во зависност од тоа колку политиките и практиките на тие субјекти се во согласност со овие приоритети. Не би рекол дека средбата на Касами со Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија и поранешен амбасадор во државава, Филип Рикер значи дека САД му врти грб на ДУИ – туку дека конечно сфаќаат дека ДУИ не се едниствената албанска партија која ги застапува интересите на Албанците“, смета Богоевски.

Истовремено, како што додава, оваа средба претставува и јасен сигнал на поддршка на концептот на едно општество за сите и на концептот на политичка соработка, наместо политичко уценување и промовирање на фолклор политикичиј единствен ефект е понатамошна поделба на граѓаните. Богоевски вели дека не можеме да гледаме еднодимензионално на прашањето колку и каков придонес има ДУИ од 2002 година до денес и дали резултатите од нивното владеење се во полза на Албанците и општо на сите граѓани во државата, туку ова прашање треба да го третираме низ призмата на различните контексти кои постоеја од 2002 година до денес.

„Така, доколку сметаме дека примарниот интерес на Албанците по 2002 година бил имплеметацијата на Рамковниот договор, а дека ДУИ во првите години биле главниот двигател на тие процеси, тогаш можеме да кажеме дека да, тие придонеле кон стабилизацијата на меѓуетничките односи во периодот по конфликтот од 2001 година. Но, како што имплементацијата на Рамковниот договор стануваше поцелосна, така и се намалуваше силата на аргументите на фундаменталната реторика на ДУИ – дека Албанците се граѓани од втор ред и дека само ДУИ е албанската партија која може да ги изедначи Албанците со Македонците во очите на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Со усвојувањето на Законот за употреба на јазиците заврши и имплеметацијата на Рамковниот договор. Дури и самиот Ахмети го изјави тоа. Дополнително, со внесувањето на Рамковниот договор во Уставот како извор на државотворноста на Република Севена Македонија повеќе навистина нема простор за тврдењата дека Албанците се граѓани од втор ред и дека во нивен најдобар интерес е во власта да бидат претставувани од партија чија идеологија се темели исклучиво на етноцентрични политики (т.н. фолкор политики). Напротив, иднината на нашата држава бара активна соработка помеѓу политичките субјекти, каде приоритет имаат севкупните државни интереси, а не само интересите на една етничка заедница, или уште полошо, интересите на само една партија која упорно тврди дека има монопол врз интересите на таа етничка заедница“, додава Богоевски.

Дополнително, снета тој, при анализата на овој проблем, не смееме да го заборавиме и однесувањето на ДУИ за време на режимот и по тоа, односно откако стапи во коалиција со САДМ по изборите во 2016 година.

„Во времето на коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, теснопартиските интереси на ДУИ беа донекаде и оправдани, имајќи предвид дека нивниот тогашен коалициски партнер се водеше исклучиво од своите партиски интереси и неретко практикување антиалбански реторики и политики. Но, СДСМ е поинаква партија и повеќе пати покажа дека своите политики ги темели врз потребите на СИТЕ граѓани, а не само на Македонците. Во оваа средина, практикувањето на теснопартиски и моноетнички интереси не само што не е конструктивно, туку и во повеќе наврати се покажа дека може да биде ужасно деструктивно и сериозно да го загрози целокупниот постигнат напредок во меѓуетничките односи во последните 3,5 години“, смета Богоевски.

Тој додава дека не смееме да заборавиме дека постојат сериозни индиции за вклученост на функционери на ДУИ во криминалот во времето на режимот на груевски.

„Во овие 3,5 години, ДУИ не се дистанцираше од тие функционери, туку напротив, тие луѓе се’ уште се одлучувачки фактори во партијата. Исто така, тие не покажаа променет пристап во практикувањето на власта. Се’ уште, тие работат насилнички, само во полза на своите партиски интереси и без водење сметка како нивното однесување влијае врз Македонците и другите етнички заедници во државата. Така, можеме да кажеме дека иако во периодот по 2002 година тие дејствуваа како стабилизирачки фактор во државата и регионот, со одбивањето да ги прилагодат своите практики на новите околности, тие ја надминаа својата употребна вредност и дека сега, нивното силеџиско, уценувачко и исклучиво популистичко политиканство повеќе им штети на Албанците и општо на сите граѓани на Република Северна Македонија, одошто им користи“, вели Богоевски.

Во однос на Законот за употреба на јазиците, Богоевски не верува дека ќе мпретрпи измени со цел да се имплементираат препораките на Венецијанската причина.

„Овој став се заснова на практични причини – за промена на Законот е потребно бадентерово мнозинство, а во моментот не постои албански политички субјект кој сака да го промени законот. Голем дел од Пратениците кои го гласаа законот во оваа форма, го сторија тоа само поради уверувањето од ДУИ дека евентуалните препораки од Венецијанската комисија ќе бидат имплементирани. Да бидам јасен: според мене (а и според Венецијанската комисија), не е проблемот во бројот и типот на јазичните права кои со Законот им се доделуваат на Албанците, туку во лошо срочениот и неприменлив законски текст. Фактот дека ДУИ излажа за својот став кон препораките на Венецијанската комисија и дека останатите албански политички субјекти (вклучително и БЕСА) никогаш не ни имале став дека ќе гласаат за промена на законот, остава малку простор за надеж дека законот ќе биде адаптиран на препораките на Комисијата“, додава Богоевски.

Предизборната коалиција помеѓу СДСМ и БЕСА според него е навистина историски и мошне прогресивен чин.

„Искуството покажа дека најголемите отстапувања од изборната програма на коалицијата предводена од СДСМ од 2016 година се случија токму поради компромисите кои мораше да се направат со ДУИ со цел да се зачува постизборната коалиција и владеачкото мнозинство во Парламентот. Предизборното коалицирање овозможува програмските и политичките разлики да бидат надминати пред самите избори, а коалицијата да настапи со единствена програма, која потоа не мора да се менува за потребите на ниту еден друг политички субјект (се разбира, доколку оваа коалиција освои 61 мандат на изборите во април). Така, овој концепт на предизборно коалицирање овозможува еден многу потребен и многу поискрен пристап кон практикувањето на власта и истовремено ги намалува отстапувањата и уште поважно, изговорите за отстапувањата од програмата по доаѓањето на власт“, додава Боговески.

Според професорот, Ѓорѓи Спасов, посетата на Касами сигурно била планирана порано и не е резултат на постигнатиот договор за предизборно коалицирање на БЕСА со СДСМ. Тајмингот на посетата, сепак како што нагласува, упатува на тоа дека САД таквите предизборни коалиции ги сметаат за корисни а не штетни за Албанците во Македонија.

„Тие упатуваат еден вид порака дека тој модел на предизборно коалицирање може да  биде фактор за подобро внатрешно интегрирање на земјата и за нејзина поголема политичка стабилност“, вели Спасов.

Според него, сега пред новите парлментарни избори, откако СДСМ објави дека ќе формира предизборна коалиција со партијата Беса, ДУИ сфаќа дека неговиот монопол во политичкото претствување на Албанците во власта може да биде сериозно нагризан.

„Свесни се дека со создавањето граѓански партии и коалиции етничките партии ја губат можноста да бидат единствените легитимни претставници на политичката волја на својата етничка заедница и тоа го сметаат за „многу опасно за Албанците““, вели Спасов.

Тој додава дека ДУИ само го отежнува процесот за внатрешното интегрирање на Македонија и го одржуваат концептот на етнички поделено општество  со кое ќе владее неговата етнократија.

„ДУИ може себе да се нарекува Демократска унија за интеграција, како што ВМРО се нарекува Демократска партија за македонско национално единство, но со нивната желба македонското општество да остане поделено во етенички политички блокови и само победниците во тие блокови со својот монопол во претствување на политичката волја на својата етничка заедница да можат да бидат еденствени легитимни претсвници во власта, реално не работат ниту за интеграција ниту за национално  единство“, вели Спасов.

И.Р.

Слични содржини