АНАЛИЗА: Сите државни еврообврзници – каде и како се трошеа парите?

од desk4

Македонија, заедно со новата еврооврзница во вредност од 500 милиони евра, досега по основ на странско задолжување, без камати, преку овој инструмент се задолжила вкупно 2 милијарди евра. Во моментов по основ на еврообврзници, државата без камати, должи 1,6 милијарди евра. Најновата издадена еврообврзница е со историски најниска каматна стапка а според износот е највисока, заедно со онаа што беше издадена во 2014 година, во висина од исто така, половина милијарди евра. Според партиската “боја” на Владата предводена од СДСМ ова е  втора еврообврзница. “Порталб” анализира за што се потрошија досегашните заеми обезбедени преку еврообврзници издадени на странскиот меѓународен финансиски пазар.

Еврообврзница 2018 година …

Новата еврообврзница во вредност од 500 милиони евра е втора по ред издадена од Влада што ја предводи СДСМ, а прва со потпис на министерот за финансии Драган Тевдовски. Според договорените услови, рокот на достасување е седум години со каматна стапка од 2,75 отсто. Добра страна е што со овој заем ќе се враќаат стари доспеани и недосепани обврски, но сепак дел од економисте упатуваат на внимателно менаџирање на парите.

 Треба да внимаваме да не ни се повтори историјата на Вмро-Дпмне, да трошиме како лудаци. Оправдувам тоа што 90 милиони евра се наменуваат за предвремена отплата на третина од еврообврзницата вредна 270 милиони евра. Оправдувам и тоа што 95 милиони евра ќе се наменат за исплата на доспеан долг, иако тука пак се поставува прашањето зошто нема пари за отплата на досепан долг во Буџет кој е усвоен “вчера”. Сметам дека не е успех да се земе евтин ненменски кредити, туку успех е да се земе кредит за стратешки инфраструктурни проекти. На пример, за  изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште не може да бидат залудно потрошени парите. Да сумирам, менаџирањето со идните задолжувања е сериозна работа. Тоа е како да палите оган на тепих а не во шпорет” – вели економистот Зоран Витанов, прв човек на Асоцијацијата на менаџери.

Сите странски Еврообврзници …

Новата издадена еврообврзница е шеста по ред во историјата на Македонија. “Порталб” ги анализира сите досега издадени Еврообврзници, под кои услови биле земени, со чиј потпис и за што се потрошиле парите.

Еврообврзница 2005 година, министер за финансии Никола Поповски

Прв пат, државата издаде еврообврзница во 2005, кога со потпис на тогашниот министер за финансии Никола Поповски на меѓународниот пазар Владата зеде заем од 150 милиони евра.  Каматата изнесуваше 4,625% со рок на доспевање од десет години. Овој заем, односно главницата на еврообврзницата беше исплатена во 2015 година. За оваа еврообврзница беше платена камата од 69,3 милиони евра. Со парите од овој заем се подмирија, односно отплатија долгови кон меѓународни кредитори.

Еврообврзница 2009 година, министер за финансии Трајко Славевски

Првата еврообврзница на Владата предводена од Вмро-Дпмне беше издадена во јули, 2009 година.  Вреднста изнесуваше 175 милиони евра.  Воедно таа е и досега  најскапа еврообврзница, со камата од 9,875%. Рокот на отплата беше 3,5 години. Потпис на оваа еврообврзница стави тогашниот министер за финансии Трајко Славески. Оваа еврообврзница, која се реализираше во период кога финансиската криза ја тресеше  Европа и светот, предизвика големи коментари поради тоа што парите се трошеа за алиментирање на буџетски расходи за повисоки плати на администрацијата и поголеми пензии за пензионерите.   

Еврообврзница 2014 година, министер за финансии, Зоран Ставрески

Во јули, 2014 година, Владата предводена од Вмро-Дпмне, а со потпис на тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески, ја издава третата државна еврообврзница. На меѓународниот финансиски пазар, со камата од 3,975% се задолжи 500 милиони евра. Најголем дел од инвеститорите, скоро половина беа од САД, околу една третина  од континентална Европа а 16 отсто од Велика Британија. Рокот за отплата на оваа еврообврзница изнесува седум години, односно  е до 2021 година. Кога се реализираше ова задолжување, дел од парите завршија за отплата и за рефинансирање на дел од обврските кои доспеваа. Остатокот од заемот се користеше за буџетска поддршка.  

Еврообврзница 2015 година, министер за финансии, Зоран Ставрески

Само една година по издавањето на третата еврообврзница, Владата на Вмро Дпмне, во ноември 2015 година ја издава и четвртата по ред Еврообврзница. Повторно со потпис на тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески. Вредноста на оваа евробврзница е 270 милиони евра со каматна стапка од 4,875% и рок на доспевање од пет години, односно до декември 2020 година. Трансакцијата се реализираше во соработка со Сити банк, Дојче банк и Ерсте банк. Од вкупната сума, 20 милиони евра беа наменети за кризната состојба од бегалската криза а дел за враќање на стари долгови.  Околу 100 милиони евра се наменија за покривање на буџетскиот дефицит. Токму за оваа еврообврзница е договорен и предвремен откуп на една третина од вредноста, со што според образложението од Министерството за финансии, се прави заштеда врз основа на каматната разлика.

Еврообврзница 2016 година, министер за финансии Кирил Миновски

Кон крајот на јули, во 2016 година, во пик на политичка криза, кога имавне политичка Владата, која формално сеуште ја предводеше Вмро-Дпмне, се издаде и петтата државна еврообврзница, со потпис на тогашниот министер за финансии Кирил Миновски. Вредноста на издадената еврообврзница е 450 милиони евра, со каматна стапка од 5,625% и рок на доспевање во 2023 година. На издавањето на оваа еврообврзница се спротистави тогашниот дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов.  И покрај  политичкиот отпор, заемот се реализираше. 

Со оглед на тоа што со новата еврообврзница се обезбедија половина милијарди евра, дел од економистите очекуваат дека се обезбедени пари за финансирање на буџетскиот дефицит па поради тоа не се очекува зголемување на внатрешното задолжување.

Слични содржини