Ананиев од „Продолжуваме со промената“ за „Локално“: Возачот се движел со неприлагодена брзина, ваков тип на истрага трае околу 6 месеци

од Nikola Popovski

Причините за несреќата се сложени и истрагата точно ќе каже што се случило, но според мене тоа е сплет на околности поврзани со патот, ознаките, сигнализацијата, но и постапките на возачот. Големиот број на жртви се должи на пожарот, а не на самата несреќа, вели за „Локално“, бугарскиот експерт Настимир Ананиев од коалицијата „Продолжуваме со промената“, кој е поранешен претседател на собраниска комисија за транспорт.

Според него, најверојатно имало акцелератор, кој придонел за брзото горење на автобусот.

-Експлозијата што ја слушнале очевидците можеби се должи на неколку работи. Дупната гума, самиот првичен судир или нешто што се запалило при самиот судар и го запалило пожарот. Што се однесува за брзината, тоа ќе го кажат истражителите, но најверојатно автобусот се движел со брзина која не ги задоволувала условите на патот. Самиот пожар е прашање на околности и акцелератор, смета Ананиев.

Тој потенцира дека важно е да се видат и видео-снимките од последната бензинска пумпа каде што застанал автобусот.

-Овој тип на истрага трае околу 6 месеци или повеќе, но со оглед на околностите и високиот јавен интерес, се надевам дека брзо ќе имаме информации. Во однос на автопатот „Струма“, не постои таков кој е во совршена состојба. Имаше проблеми со овој дел, откако недостасуваат знаци, има лоши хоризонтални ознаки, слабо уредување и друго. Имаше информации и дека самиот пат ги нема сите документи за користење, информира Ананиев.

На прашањето дали кога луѓето се качуваат во автобус, треба да им се дадат упатства како да се однесуваат во случај на непредвидена ситуација, експертот вели дека во случај на меѓународен транспорт или подолг од 3 часа, треба да има безбедносна инструкција слична на онаа во авионите.

-За Македонија не знам, но во Бугарија во моментов нема таков законски услов, истакнува Ананиев во изјава за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини