АНБ: Тврдењата на Чулев се невистинити и тендециозни

од Vladimir Zorba

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) по денешната прес-конференција на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој обвини дека наследникот на УБК се уште има можност да прислушува соопштува дека тврдењата на техничкиот министер се „невистинити и тендециозни“ и во целост ги отфрли.

Оттаму тврдат дека не располагаат ниту со опрема за прислушување, ниту со медијациски уреди за активирање, а опремата за следење на комуникации со кои располагала поранешната УБК е предадена на Оперативно техничката агенција, на ден 27.10.2018 година, за што е изготвен соодветен записник за примопредавање потпишан од директорите на УБК и Оперативно техничката агенција.

– Со наведениот записник, во согласност член 35, став (2) од истиот Закон, се предадени и медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК. Примопредавањето е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите. Со тоа Агенцијата за национална безбедност не располага ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите. Исто така, Агенцијата нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција. Согласно член 2, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, оваа Агенција е самостоен државен орган кој што овозможува техничка поврзаност помеѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите. Министерството за внатрешни работи има посебна служба за администрирање на пристапот зо следењето на комуникации заради кривични истраги. АНБ нема пристап до ваквата администрација, ниту може да има увид во тековните предмети на МВР, соопштија од Агенцијата.

Од таму посочуваат дека во изјавата на Чулев единствено вистинито е дека поранешната УБК од аспект на техничката опременост го имала монополот над користење на опремата за следење на комуникациите и таа монополска улога масовно ја злоупотребувала.

-Тој период конечно е зад нас, но тоа веројатно е тешко сфатливо за МВР – Чулев кој во тоа време имаше раководна функција во Агенцијата за разузнавање, чии вработени исто така беа сериозно инволвирани во настани кои се денес предмет на актуелни судски постапки, се вели во реакцијата.

Тие се подготвени во секое време за спроведување на контрола и надзор од страна на правосудните и останатите надзорни тела.

Слични содржини