Анчелоти: Квалитетот на фудбалот се влошува

од Vladimir Zorba

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти изјави дека на фудбалот итно му се потребни промени и дека е потребно повеќе да се води сметка за здравјето на играчите.

Во големо интервју за италијански „Кориере дело спорт“, чии извадоци ги пренесоа речиси сите најголеми спортски медиуми во Европа, италијанскиот стручњак истакна дека се неопходни промени во календарот на клупските и репрезентативните натпреварувања.

„Пред се, потребно е да се намали бројот на натпревари. Фудбалерите играат премногу натпревари и квалитетот на она што го прикажуваат е слаб. Генерално, квалитетот на фудбалот е многу опаднат. Играчите не можат повеќе да издржат, па некои одбиваат да играат за националните тимови. Замор, повреди, натпревари кои завршуваат со резултат 10:0 – што е многу, многу е“, рече Анчелоти и додаде дека верува дека фудбалерите и тренерите би се согласиле на помали плати доколку имаат помалку натпревари во текот на сезоната.

„На оваа тема разговарав и со шефот на комисијата на ФИФА за глобален развој на фудбалот, Арсен Венгер. Повторувам, решението е да се намали бројот на натпревари и да се воведат само два термина за обврските на репрезентациите. Поради потребата да се промени нешто, се роди идејата за Суперлига“, истакна тој.

Тренерот кој ги водеше Реџина, Парма, Јувентус, Милан, Челси, Пари Сен Жермен, Баерн, Наполи и Евертон, летово по вторпат се врати во Реал, клубот со кој ја освои Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа, Светското клупско првенство и Кралскиот Куп.

„Во Реал ништо не се менува освен една работа, а тоа се тренерите. Истиот физиотерапевт, истите работници на стадионот, истите новинари, истата визија, истата потреба да се биде величествен, и покрај економската штета предизвикана од пандемијата“.

Анчелоти изјави дека претседателот Флорентино Перез има намера да биде многу активен во летниот преоден рок, за Реал на новиот стадион да игра со нов, атрактивен тим.

„Флорентино има многу сериозни намери. Во јавноста се појавуваат информации за Халанд и Мбапе, но рано е да се зборува за тоа“.

Италијанскиот стручњак изјави и дека не очекувал да добие покана од лидерот на Реал да се врати во клубот во кој работеше од 2013 до 2015 година.

„За мене понудата на Реал за враќање беше неверојатно изненадување, иако никогаш не изгубив контакт со луѓето во клубот. Да се ​​прашав, ќе останев во Реал засекогаш, нема подобро место на светот за фудбал и за живот“.

Слични содржини