Анчелоти потврди дека Касемиро заминува

од Vladimir Zorba

Трансферот на Касемиро од Реал Мадрид во Манчестер Јунајтед може да се смета за сигурен, иако се уште ништо не е официјално. Сепак, Бразилецот веќе ги известил клубот и соиграчите за одлуката да си замине и да испроба нов предизвик, откри тренерот Карло Анчелоти. Италијанецот најави дека Касемиро нема да биде вклучен во составот за пресметката со Селта, додавајќи дека неговото заминување нема да ги промени неговите планови бидејќи има доволно квалитетни играчи во средниот ред.

„Разговарав со него утрово. Тој сака да испроба нов предизвик, нова можност. Јас и клубот го разбираме тоа. Мора да ја почитуваме неговата одлука поради тоа што го направи за овој клуб и поради личноста што е. Се уште има разговори, ништо официјално, но тој сака да си замине. Му посакуваме се најдобро во следниот предизвик“, изјави Италијанецот.

„Средниот ред составен од Модриќ, Крос и Касемиро беше многу важен за Реал Мадрид. Соиграчите на Касемиро исто така ја почитуваат неговата одлука. Тие го сакаат, го сака и клубот. Нема да игра против Селта. Сепак, го доведовме Чуамени, кој е еден од најдобрите играчи од средниот ред што се најде на пазарот. Ги имаме и Крос и Камавинга. Дури вчера сфатив дека трансферот на Касемиро е нешто многу реално. Сепак, тоа нема да ги промени моите планови“, додаде Анчелоти на денешната прес-конференција.

Касемиро инаку денеска учествуваше на тренингот на Реал Мадрид. Сепак, тој веќе добил дозвола да отпатува за Манчестер, каде утре треба да ги помине медицинските прегледи.

Слични содржини