Андонов: Да сакаше, Чавков ќе направеше државен удар додека протестираа „шарените“

од desk4

Тука сме да и порачаме на антимакедонската партија СДС, дека знаеме оти сето она што го прават последниве денови не се базира на докази и аргументи, туку на лажни обвинувања кон нашата партија и нашите пратеници, рече Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, во своето обраќање на вечерашниот протест на партијата пред Кривичниот суд во Скопје.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ трет ден одржува протести против приведувањето и притворањето на нивни членови и пратеници поради учество во насилствата во Собранието од 27 април.

– Не можат да го скршат ВМРО. ВМРО е врежано во срцето на сите патриоти и затоа сме тука да им порачаме: Нема да ви помине овој обид да ја изманипулирате македонската јавност – рече Нацев.

Оливер Андонов во своето обраќање пред стотината присутни рече дека да сакал поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој е еден од притворените, да направи државен удар, тоа ќе го сторел додека протестирале „шарените“.

– Да сакаше било кој во Македонија да направи државен удар, тоа можеше одамна да го направи. Најголемата грешка можеби беше што аболицираниот криминалец, кој бега од судот, не беше приведен кон правдата за предавство на сопствената држава и еден куп криминали кои ги стори. Убеден сум дека и тој и целата негова клика еден ден ќе одговараат пред сите вас за она што и го прават на Македонија – рече Андонов.

На протестот, кој траеше помалку од еден час, присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Учесниците најавија протест и за утре, но не соопштија каде ќе го одржат./Мета

Слични содржини