Андоновски: Репрезентативците не се сретнаа со Заев и Пендаровски поради строгите протоколи на УЕФА

од Nikola Popovski

Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски вечерва во изјава за дневникот на ТВ Сител, реагираше на вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев, дека претседателот на ФФМ, Мети Сејдини не му дозволил средба со репрезентативците пред заминувањето на Европското првенство.

„На дописот од Владата и од претседателот Пендаровски, ние истакнавме дека со драго срце го прифаќаме секој повик за поддршка на репрезентацијата, меѓутоа строгите ограничувања од УЕФА, затоа што фудбалерите се во еден вид заштитен меур, не дозволуваат контакти, дури ниту со најблиските. Тоа е единствената причина, поради која не беше дозволена средба. Ако сакаме да играме на ЕП, мора да го почитуваме пропишаното од УЕФА“, изјави Андоновски.

„Фудбалерите ме поканија да се сретнеме и јас со задоволство прифатив, но претседателот на ФФМ, господинот Сејдини не дозволи средба, ниту во просториите на федерацијата, ниту во ресторан. Сепак, јас и фудбалерите деновиве ќе се сретнеме и веќе ги поканив таа средба да биде во Владата. Јас немам ништо против Сејдини, но тој треба да ги почитува законите.. Не може раководството да го бираат делегати од општински фудбалски организации (ОФС), а да не го прават тоа членовите на фудбалските клубови. Јас само упатив апел челниците од ФФМ да го почитуваат Законот, а не да работат на своја рака. Лично немам ништо против Мети, ниту го сакам неговото место, ниту имам некој свој за таа позиција. Едноставно еве и од овде повикувам да се почитуваат законите“, изјави вчера премиерот Зоран Заев во интервју за „Клан Македонија“.

Слични содржини