Андреевски: Стабилизирање на цените на енергенсите по 2025 година

од Vladimir Zorba

Со вакви цени на природниот гас и електричната енергија многу индистрии ќе бидат приморани да затворат (кај нас Фени, Бучим и многу други помали), а со тоа ќе се намали и потребата од електрична енергија. Но тоа ќе го забави целокупниот раст на земјата. Реално стабилизирање на цените ќе се случи по 2025 година, вели за „Локално“ Митко Андреевски, енергетски консултант и поранешен советник за енергетика во Владата на РСМ во однос на стабилизацијата на цените на енергенсите.

За најавата на Ковачевски вчера дека Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, не сака да коментира за план кој што се уште не е објавен, но од она што може да се види во регионот и пошироко (Европа), Андреевски е дециден дека не очекува драматична зима со многу непознати и непредвидливи нешта, како на пример последната саботажа на „Северен тек“.

– Имајќи на ум дека во зимските месеци меторолошки случувања ќе имаат силно влијание во енергетската криза на републиката како и пошироко во регионот, неблагодарно е да се предвидува што ќе ни се случи и дали некој има план Б во државата, вели Андреевски.

Додава дека досегашните предложени мерки на Владата се за ублажување на кризата, но тие мерки не гарантираат решение за кризата.

– Овој проблем во енергетиката се решава со многу инвестиции, во подолг период и со брзи одлуки. Притоа, учеството во регионални проекти во енергетиката треба да биде императив, истакна тој, откако немаше коментар на прашањето за енергетскиот пакет за претприемништво и дали работодавците можат да бидат задоволни.

На прашањето колку регионалната поврзаност, или поконкретно иницијативата „Отворен балкан“ придонесува за решавање на енергетската криза, енергетскиот консултант смета дека „Отворен Балкан“ е одличен проект, и тоа не само С.Македонија да бара (вакцини; брашно; зејтин) туку и активно заеднички да помогне во одредени области, како на пример енергетиката.

– Во Скопје има гасна електрана која има проблем да обезбеди природен гас по достапни цени, а република Србија има обезбедено гас по многу пониски цени од европските. Би било идеално добро да се направи симбоза на учество на Република Србија со снабдување на гас на таа гасна електрана, а возвратно да добие 50% од електричната енергија или 100 мвтч. Пример 2. Учеството на Македонија и Србија во заеднички проект „Александрополи“ заедно со Грција и Бугарија може да биде уште една придобивка од таа иницијатива, наведува преку примери Андреевски.

Во однос на тоа дали само војната меѓу Украина и Русија е предизвикувач на вртоглавиот раст на цените на енергенсите или има и други фактори кои влијаат на актуелната ситуација, поранешниот советник за енергетика во Владата посочи дека пост ковид периодот предизвика индустриски раст кој доведе до зголемена побарувачка на енергенси и зголемување на нивната цена.

– Но дефинитивно дека војната во Украина, санкциите кон Руската Федерација, како и политиката на Москва да одговори на тие санкции кон неа со санкции при плаќањето на гасот или плаќање во рубљи доведе до експлозија на цените на енергентите, додаде Андреевски за „Локално“.

В.З.

Слични содржини