Ангелов на НАТО состанок за отпорност во Брисел

од Vladimir Zorba

Вчера попладне (16.11.2022) во седиштето на НАТО во Брисел се одржа првиот состанок на високите претставници за отпорност, каде се обрати генералниот секретар Јенс Столтенберг. Република Северна Македонија во овој формат е претставувана од директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Сојузниците ги споделија своите сознанија и насоки за зајакнување на националната и колективната отпорност во светло на значително променетото безбедносно опкружување во евроатлантската област.

Нивните насоки ќе ги дефинираат целите за отпорност на Алијансата, кои ќе бидат претставени пред лидерите на НАТО на самитот во Вилнус следниот јули.

Во своето обраќање генералниот секретар Столтенберг истакна: „Силата на нашето одвраќање и одбраната се темелат на отпорноста на нашите држави и општества”. Ова е причината зошто НАТО се фокусираше на отпорноста од самото основање на Алијансата. Од 2016 година НАТО повеќе напори се посветуваат на ова, воспоставувајќи основни барања за сојузниците за процена на националната отпорност во клучните области, вклучувајќи го континуитетот на владините служби, комуникациите, транспортот, снабдувањето со храна, вода и енергија, како и справување со масовни жртви и неконтролирано движење на луѓе.

Ангелов информираше за националната агенда за процена и градење капацитети за отпорност, нагласувајќи го принципот на вклученост на сите национални чинители.

Минатата година, сојузниците се согласија за зајакната посветеност на отпорноста и, како дел од агендата на НАТО 2030, да назначат висок претставник кој ќе ги координира напорите за национална отпорност и ќе ги подобри консултациите во рамките на НАТО. На првиот состанок сојузниците се согласија да развијат патоказ за отпорност до Самитот во Вилнус во 2023 година, за да обезбедат видлив и навремен напредок.
Генералниот секретар ги препозна брзите дејствија што сојузниците ги презедоа по инцидентите на „Северен поток” за да се обезбеди отпорност на критичната инфраструктура со поголемо воено присуство и размена на разузнавачки информации.

Тој, исто така, ги повика сојузниците да соработуваат поблиску и да ги забрзаат нивните напори за отпорност, нагласувајќи ја улогата на НАТО како центар за трансатлантските консултации.

Слични содржини