Ангелов: Тоа што се говори во ЕУ внатре е нивен проблем, не е наш

од Nikola Popovski

По денешниот работен појадок со министерот за надворешни работи Бујар Османи и германската амбасадорка Анке Холштајн во МНР, бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов кажа дека неговата земја не може да ја промени позицијата во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ затоа што имаат декларација во парламентот и одлука на владата по тоа прашање.

„Тоа што се зборува внатре во ЕУ е внатрешен проблем на Унијата, тоа е проблем на Брисел, не не наш во моментов. Сега сме сконцентрирани да го завршиме Берлинскиот процес, заеднички да и покажеме на цела Европа дека можеме нешто заеднички да завршиме успешно”, вели амбасадорот.

Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи е оптимистичен, но без да открие детали, изјави дека сите прашања треба да се решаваат во рамките на постоечкиот Договор за добрососедство.

„Треба да разбереме дека Договорот не претставува едностран акт чија функција завршува со моментот на неговото потпишување. Договорот претставува рамка во која ние ќе ги решиме разликите. Тоа значи дека доколку во текот имплементирањето имаме различни очекувања или погледи по однос на динамиката на имплементација, мислам дека треба да седнеме и во таа рамка да разговараме, тоа е улогата на Договорот”, смета министерот.

Германската амбасадорка во земјава не се впушти во прогноза за позитивен исход, но порача дека ЕУ во овој случај не може да се меша во спорот.

„Сум кажала многу пати и среќна сум да повторам одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство на полето на проширувањето и се држиме цврсто до таа цел. Ќе направиме сè што можеме тоа да се случи, има уште време и тоа е во интерес на сите вклучени во процесот“, изјави амбасадорката Холштајн.

Слични содржини