Ангелов за починатиот овчар: Има мали пропусти, но проблемот е институционален, никој не побара хеликоптер од нас

од Nikola Popovski

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција соопшти дека постојат мали пропусти во настанот со починатиот овчар од кратовско, но дека проблемот воглавно е институционален.

„Формирана беше Комисија за случајот во Кратовско. Ние не сме предвидени за единечни случаи, но ги решаваме и нив. Целиот систем за управување со кризи има слабости, пренатрупани проблеми и систематска слабост, кој ќе биде надмината во наредниот период. Ова е слабост во пишаните процедури“, потенцира Ангелов.

Тој исто така соопшти дека ќе предложи да му се додели медал за докторот што бил на лице место и дека настанот ќе пројде во ЈО, за да се види дали некој ќе одговара и кривично за смртта на овчарот.

„Немам изјавено дека ние не сме надлежни, постојано бевме во тек со ситуацијата“, вели Ангелов.

Љупчо Крстевски, кој што е дежурен оперативец во ЦУК и кој прв го добил повикот за помош за премрзнатиот овчар изјави дека не добил барање за хеликоптер, ниту од докторот кој што бил на лице место, ниту од директорот на Здравствен дом Кратово.

„Беше побарано само теренско возило, никој не побарал хеликоптер, не знам од каде тоа беше пласирано во медиумите“, изјавија од ЦУК.

Во болницата во Штип на 6-ти април почина 63-годишниот жител на кратовското село Емирица, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крварење и изминативе денови бил во кома.

Овчарот претходно од страна на медицинска екипа и негови роднини, на импровизирана носилка, пет часа на раце бил носен низ снегот, за да го спасат неговиот живот. Лелеците на 90-годишната мајка која барала да се спаси нејзиниот премрзнат син ги слушнал докторот од Итната помош, Павле Зафиров, кој заедно со уште три лица, со часови го носеле на раце премрзнатиот овчар.

Една од институциите кон којашто беше вперен прстот, беше токму Центарот за управување со кризи.

Слични содржини