Ангелов за споменикот на УЧК: Тие нека си ги чествуваат нивните, ние нашите загинати

од Nikola Popovski

Директорот на ЦУК и поранешен воен генерал кој беше дел од конфликтот во 2001, Стојанче Ангелов се огласи по повод отворањето на споменик-кулата во Слупчане во чест на загинатите борци на УЧК. Според него, настанот во кумановското село треба да биде пример за македонскиот државен и политички врв, како треба да се чествуваат македонските Бранители од 2001-та кои го дадоа својот живот бранејки ја татковината.

-Чествување на загинатите но и почит кон ранетите, трауматизираните и сите останати македонски Бранители кои на било кој начин и во било кој обем учествуваа во одбраната на Македонија во 2001 година. За разлика од овој нов споменик на УЧК кој се наоѓа некаде далеку во Липковско, ние, македонските Бранители од 2001-та, имаме достоинствен и репрезентативен споменик во строгиот центар на Скопје, во непосредна близина на македонското Собрание и скопскиот плоштад, напоменува Ангелов.

Тој повикува да не се крева непотребна меѓуетничка тензија поради новиот споменик на УЧК, „бидејки јас, како непосреден учесник во одбраната на Македонија во 2001-та, можам само да им честитам на наследниците на УЧК -ДУИ, за почитта која ја покажуваат кон загинатите од нивните редови“.

-Тие нека си ги чевствуваат нивните, ние да си ги чевствуваме нашите загинати а сите заедно да дадеме се’ од себе во Македонија никогаш повеќе да не ни се повтори војна и конечно да завладее целосен меѓуетнички мир. За крај да потсетам дека во Македонија има безмалку стотина достоинствени споменици, спомен обележја како и значајни објекти кои ги носат имињата на загинатите македонски бранители од 2001-та, напиша Ангелов на социјалните мрежи.

Во кумановското село Слупчане денеска беше откриена „спомен-кула“ на паднатите борци на таканаречената Народноослободителна армија (ОНА), паравоена албанска организација која започна вооружен конфликт со македонските власти во 2001 година.

На врвот на 20-метарската кула, чија изградба чинеше 200.000 евра од буџетот на општина Липково, има црвеноглав двоглав албански орел.

На откривањето на споменикот присуствуваа партиски и државни функционери на владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ).

Во првите редови беа лидерот на партијата, Али Ахмети, претседателот на Собранието Талат Џафери и министрите во Владата Бујар Османи, Кресник Бектеши, Фатмир Бесими, Артан Груби.

Слични содржини