Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот систем обезбедува солидна поддршка во целиот пандемичен период

од Vladimir Zorba

Со помош на соодветно поставената банкарска регулатива и создадените заштитни механизми во изминатиот период, домашниот банкарски сектор остана во добра кондиција во текот на овие две години, кога домашната економија се соочува со неколку шокови со негативно влијание. Така, кредитниот раст воопшто не забави, како што се случувало во претходни кризни епизоди. Напротив, тој умерено забрза, со тоа што од втората половина од минатата година се забележува поголема поддршка на корпоративниот сектор, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Марили.

„Банкарскиот систем обезбедува солидна поддршка во целиот пандемичен период. Tочно е дека на почетокот кредитната поддршка беше повеќе насочена кон населението, а помалку кон корпоративниот сектор, меѓутоа од втората половина на минатата година се забележува поголема поддршка и на корпоративниот сектор. Во 2021 година, на годишна основа, ако вкупниот кредитен раст е околу 8%, растот кај корпоративниот сектор е повисок и изнесува 9%. Податоците од почетокот на оваа година покажуваат продолжување на овие трендови”, вели Ангеловска-Бежоска.

Понатаму гувернерката посочува дека податоците од годинава покажуваат дека капацитетот на банкарскиот систем и натаму јакне и дека сега е подобар во споредба со преткризниот период. Адекватноста на капиталот е на повисоко ниво во однос на преткризното ниво и е една од највисоките стапки што сме ги имале воопшто во последните десетина години. Ликвидноста е на солидно ниво, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио умерено се намалува во текот на овој кризен период и сега изнесува 3,1%. Сето ова упатува дека банкарскиот систем има соодветен капацитет за натамошна солидна финансиска поддршка на приватниот сектор, вклучително и на малите и на средните претпријатија.

Гувернерката во интервјуто посочува и дека како резултат на претпазливата монетарна политика, девизните резерви постојано се на ниво коешто овозможува стабилност на девизниот курс, што всушност е заклучено и од страна на меѓународните финансиски институции. Покрај тоа, како резултат на регионалната иницијатива којашто ја покрена токму нашата централна банка, ЕЦБ за првпат во историјата ни одобри пристап до девизна ликвидност, доколку имаме потреба за тоа.

„Имајќи го предвид нивото на девизните резерви коешто се одржува на историски високо ниво, како и мноштвото други инструменти коишто ги имаме на располагање, не треба да постои никаква грижа за стабилноста на девизниот курс. За жал и во текот на ова криза, како и во претходните, се соочивме со бројни шпекулации чии штетни последици ги трпиме сите. Во овој контекст се зголеми побарувачката за девизи и се врши конверзија од денарски во девизни заштеди, што значи непотребни трошоци за граѓаните. Заради ваквите трендови, ги засиливме контролите кај менувачниците, а притоа донесовме и измени во регулативата на менувачкиот пазар, со што создадовме простор за непречено задоволување на потребите на граѓаните за девизи и на овој сегмент на девизниот пазар. Но, исто така, донесовме и одлука за измени кај инструментот задолжителната резерва со којашто им даваме сигнал на банките да направат измени кај каматната политика заради нудење поповолни камати за штедењето во денари”, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа додава дека низ годините, централната банка успешно ја бранеше стабилноста на денарот пред големи и тешки предизвици и успеа во својата цел, како и дека не треба да има каква било дилема за капацитетот на банката во одбраната на стабилноста на домашната валута.

Слични содржини