Ангеловска-Бежоска: Будно ги следиме случувањата и преземаме одлучни чекори за справување со инфлаторните притисоци

од Vladimir Zorba

Политиките кои ги води Народната банка се соодветен одговор на тековните предизвици. Глобалната ситуација е сложена поради финансиските превирања, продолжувањето на војната во Украина и геоекономската фрагментација. Оттаму, централните банки треба да останат доследни на антиинфлаторната затегната монетарна политика, но исто така будно да ги следат случувањата во финансискиот сектор и доколку има потреба да ги искористат соодветните инструменти. Ова се главните заклучоци од состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Фадил Бајрами со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон, САД.

Делегацијата се сретна со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефот на Мисијата на ММФ, Жак Миниан.

На средбата со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, беше разговарано и за реализацијата на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ), која што и беше доделена минатата година на нашата земја. Станува збор за инструмент којшто обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди и кој им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики. Во тој контекст, во разговорите со претставниците на ММФ беше констатирано дека монетарната политика се води и треба да продолжи да се води на прудентен начин, со оглед на сеуште присутната глобална неизвесност. Согласно последните проекции на Фондот за нашата економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок би се постигнала целната инфлација од 2%. Притоа, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска истакна дека нашата централна банка будно ги следи случувањата и презема одлучни чекори за справување со инфлаторните притисоци и постигнување на основната цел – обезбедување на среднорочна ценовна стабилност. Таа ги наведе преземените мерки и политики од страна на Народната банка, и посочи дека курсот на монетарната политика започна да се менува уште на крајот на 2021 година, преку интервенциите на девизниот пазар. Потоа се продолжи со интервенции преку зголемување на каматната стапка, неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон растот на штедењето во денари, како и воведувањето на системски мерки, како противцикличниот заштитен слој на капиталот. Воедно, акцентот беше ставен и на стабилноста на банкарскиот сектор, кој е во солидна кондиција и може да ја поддржи домашната економија, а притоа има капацитет да се справува со евентуалните поголеми шокови.

Во глобални рамки, согласно оцените на ММФ растот на инфлацијата годинава успорува, но истата се покажа како многу порезистентна од она што беше очекувано пред само неколку месеци. Остриот пад на цените на енергентите и храната придонесоа кон падот на вкупната стапка на инфлацијата, меѓутоа базичната инфлација во глобални рамки се покажа како попостојана. Случувањата во глобалниот финансиски систем може да придонесе кон намалување на агрегатната побарувачка, што би делувало антиинфлаторно, но сепак препораката на ММФ за централните банки е да останат внимателни, бидејќи прераната промена на курсот на монетарната политика може да предизвика големи штети.

Делегацијата на Народната банка оствари работна средба и со Одделот за монетарна политика и пазари на капитал. Притоа, беше заклучено дека ММФ и во натамошниот период ќе ја поддржува Народната банка преку размена на искуства за натамошно унапредување на поставеноста на оперативната рамка на монетарната политика и механизмите за учество на Народната банка на девизниот пазар.

Слични содржини