Ангеловска: Северна Македонија ќе има голем бенефит од членството во НАТО

од Aleksandar Todeski

Северна Македонија ќе има голем бенефит од членството во НАТО. Пред се, политичка стабилност, сигурност и економски придобивки, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на вечерашната трибина во Прилеп насловена: „Улогата на бизнис-заедницата во градењето цврсти партнерства со НАТО сојузниците“. На трибината што ја организира невладината „Мост“ учествуваа младите и претставниците од бизнис заедницта. Панел дискусијата е во организација на Инфо-центарот за евроатлантски интеграции  кој организира Караван низ неколку градови во државата.

Таа истакна дека членството во НАТО е стратешка определба на нашата држава кое е од голема важност за нејзината стабилност, безбедност и за економскиот развој. Ангеловска излезе со конкретни податоци за придобивките од членството во НАТО-алијансата.

„Останува уште Шпанија да го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО. Ова е добро за нас, како земја, за граѓаните, за младите, за бизнис-секторот. Членството во НАТО носи придобивки за сите нас. Стабилноста, економскиот раст и инвестциите на кои значително влијае членството во НАТО се од исклучително значење за сите нас. Освен на политичка, НАТО е извор и на финансиска и на економска сигурност. Анализите покажуваат дека економскиот раст на земјите се забрзува за два процентни поени во просек, ако се споредува периодот пет години пред и пет години по влезот во НАТО. На што се бариза економскиот раст? Прво, за нашите компании се отвoра пазар со обрт од 5 милијарди евра во сервисни продукти како што се: набавка, поддршка, транспорт, одржување, кодификација, услови за сајбер безбедност и друго. Втора придобивка е политичката сигурност која ги стимулира инвестициите странските и домашните, што влијае на бројот на работните места и намалување на невработеноста, зголемувањето на обемот на трговијата што резултира со економски раст и повисок стандард за сите нас. За отворањето на пазарите, ова е голема шанса за сите македонски компании. Сега се отвора можноста за учество во јавните набавки на НАТО. Посебно имаат можност ИТ компаниите за да добијат работа. Како Влада, редовно ќе ја информираме бизнис-заедницата што се очекува од нив и како да конкурираат на тендерите. Со влезот во НАТО, обврзани сме да го зголемиме буџетот за одбрана и да стигнат до два проценти од бруто домашниот производ. Крајната цел е да се зголеми до 2024 година, секоја година за 0,2 проценти. Со ова ќе има значајни расположливи средства за Армијата, а домашните компании ќе може да учествуваат во набавките“, рече Ангеловска.

Според Доминик Отвеј, заменик-амбасадор во амбасадата на Велика Британија, големи се придобивките од члченството на НАТО.

„Велика Британија и другите членки на НАТО се возбудени што Македонија ќе се придружи во наредната, 2020 година. Тоа го очекувавме на Самитот во Лондон, но поради приликите во Шпанија, ќе почекаме. Обединетото Кралство откако пристапи во НАТО има голем полза, а првата е што 70 години ние сме безбедни. Тоа е дел од таа силина и стабилност да се биде член на таков меѓународен сојуз“, рече Отвеј.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагалси дека члењнството во НАТО е придобивка и за прилепската економија и за инвестициите.

„Кога една земја се приклучува кон Северно-атлантската алијанса, таа добива свои сојузници, ги осигурува и ги зајакнува својата безбедност и територијален интегритет и се отвораат можности за соработка со сите нејзини членки. безбедносниот чадор на НАТО за Македонија и за сите граѓани е од огромна придобивка, бидејќи стануваме атрактивна бизнис-дестинација за сите странски инвеститори кои, овде, со НАТО, ќе имаат безбедносни граници, за нивните вложувања и за нивните бизниси“, рече тој на четвртата панел-дискусија во градовите низ земјава организирана од невладината „Мост“.

Слични содржини