Анима Мунди: Шинтерите не беа нападнати со шипки и ножеви

од Vladimir Zorba

Самоволите на шинтерската служба да заловуваат веќе третирани и обележани бездомни кучиња, и нивната агресивна природа, што често резултира со конфликт со обичните граѓани кои се обидуваат да ги заштитат, како да нема крај. Настанот  кога станарите бранеа заловување на едно маалско куче во општина Аеродром само ги потврдува нашите досегашни реакции на нивната насилна природа и кршењето на програмата „Залови, стерилизирај, врати“ со заловувањето на веќе третирани миленици. Иако одредени медиуми се обидаа срамно да ја манипулираат јавноста со дезинформации дека шинтерите биле нападнати со шипки и со ножеви, во целост ќе ви ги пренесеме дел од нивните изјави со цел објективно да биде известена јавноста и да се прекинат грубите и вешти лаги од некои медиуми, реагира Анима Мунди.

kuce6-640x480
– Перо е најмирното куче што го знам. Јас се плашам од кучиња но не и од Перо. Има жолта лента на увото. На Перо гласот му го немам слушнато. Кротко куче (веројатно Златен ретривер) си игра со децата. Многу е умен. Си спие стално на исто место. Сите го сакаме. Не можам да се смирам од сцената. Станарите околу ги молеа шинтерите да не го земаат. Скоро сите излегоа на терасите. Кога избега сите аплаудиравме. Перо е повреден, избега целиот крварејќи од главата. Се надевам ќе се опорави, но мислам дека му треба ветеринарна помош – вели Јана Дуковска
– Тоа куче е обележано и секој ден добива храна и нега од жителите на Владимир Комаров. Нека ги прашаат шинтерите како им беше на жителите на зградата кога го слушаа Перо како цвичи и плаче додека го заловуваат. Срамота! – вели Димитри Трајков
– Ме разбуди беспомошниот глас на нашето кутре Перо, веднаш искочив на тераса, но што да видам. Ми се откорна срцето, веднаш се симнав пред зградата, но човекот од Вардариште бесчуствително го тегнеше за да го протне во кафезот. Застанав до еден од тие луѓе од „Вардариште“ и со солзи во очите го замолив да го остави, му кажав дека ние сите во соседството се грижиме го чуваме, го храниме тоа кутренце. Арогантно ме погледна но ништо не кажа. Цели 20 минути го малтретираа кучето, го раскрвареа. Но меѓу нашите соседи сепак постојат луѓе. Пекарот и уште неколку соседи најучтиво го замолија да го остават бидејќи е најмирното куче во нашето маало, но тие почнаа вулгарно да ги навредуваат. Сите беа на тераса, сите викаа Перо да биде ослободен. Одеднаш кога се свртев видов дека кафезот на Перо е отворен и Перо е ослободен. Слушнав огроен аплауз. Се наежив – вели Рената Т.

„Анима Мунди“ упатува неколку барања после инцидентот.

„Бараме да се прекине самоволно заловување на веќе стерилизирани, третирани и обележани кучиња, што е практика која во моментов се применува, со која се прекршува утврдената Програма и се спроведува некоја интерна програма, договорена меѓу четири ѕида.

Бараме санкционирање на секој затекнат заловувач кој постапува спротивно од Програмата и заловува претходно веќе обележани кучиња, затоа што е индикативно дека тие кучиња веќе го поминале третманот кој го нуди Вардариште.

Бараме јасна дистинкција под поимите домашен миленик и колективен (локален) миленик, затоа што во градов има многу кучиња. Неприфатливо е да се ослободуваат и преживеат само оние кои ќе бидат вдомени како домашни миленици.

Во спротивно ќе ги радикализираме нашите барања и ќе повикаме на масовен протест пред Вардариште и пред Град Скопје“, се вели во реакцијата.

Слични содржини