Анкета: Испитаници очекуваат пандемијата да трае уште четири месеци

од Aleksandar Petrovski

Истражувањето спроведено во шест земји покажува дека испитаниците очекуваат пандемијата на коронавирусот во светот да трае уште четири месеци.

Анкетата, со која биле опфатени 6.566 лица во Јужна Кореја, САД, Кина, Германија, Италија и Велика Британија покажува дека граѓаните веруваат дека во просек уште 17 седмици ќе поминат до крајот на епидемијата, по што работите ќе се вратат во нормала.

Резултатите покажуваат дека испитаниците во Кина, каде епидемијата изби во декември, предвидуваат дека за девет недели ќе се вратат во нормала, јавува јужнокорејската агенција Joнхап.

Американците очекуваат пандемијата да заврши за 15 недели, испитаниците во Јужна Кореја и Германија за 17 седмици, а Италијанците и Британците за 22 седмици.

Дури 22 проценти велат дека може да минат од пет месеци до дури две години пред животот да се врати  во нормала.

Анкетата, исто така, покажува дека 47 отсто од испитаниците позитивно гледаат на реакцијата на своите влади на епидемијата. Кинезите имаат најголема доверба во својата влада, 79 проценти, а потоа следат Британците, 50 проценти, а по нив се Јужнокорејците, Американците, Италијанците и Германците.

Онлајн-анкетата беше спроведена од американската агенција за маркетинг Флајшман-Хилард, во периодот помеѓу 30 март и 3 април.

Слични содржини