Анкета на БНТ: 61 отсто од Бугарите сакаат С.Македонија да стане членка на ЕУ

од Берта Китинска

Речиси 61 отсто од бугарските граѓани сметаат дека Република Северна Македонија (РСМ) треба да стане членка на Европската Унија (ЕУ), покажуваат резултатите од анкетата што ја објави Бугарската национална телевизија (БНТ).

Во одговор на прашањето – кој е фундаменталниот интерес на Бугарија за членство на РСМ во ЕУ, ако се остават настрана спорните прашања, 60,9 отсто од Бугарите се изјасниле дека земјата треба да стане членка на Унијата, наспроти 32,2 отсто од испитаниците кои се изјасниле дека С. Македонија не треба да стане членка на ЕУ.

Расте процентот на граѓани во Бугарија кои сметаат дека треба да се каже „да“ за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ и без претходен договор за отворените прашања.

Ова е мислењето на 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од Алфа Рисрч презентирано за време на познатата неделна коментаторска емисија „Референдум” на Бугарската национална телевизија посветена на бугарско-македонските односи.

На прашањето – дали Бугарија треба да каже „да“ на почетокот на преговорите во Северна Македонија без да се постигне договор за отворените прашања, со „да“ одговориле 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на одговорите дадени во анкетата во ноември 2020 година, кога 16,9 отсто одговориле потврдно. Од анкетираните, 69 отсто сметаат дека не треба да се дозволат преговори без да се решат отворените прашања. Во ноември 2020 година, овој сооднос изнесуваше 81,1 отсто.

Мнозинството од анкетираните, веруваат дека сегашните позиции на владите треба да се надградат.

Анкетата исто така покажа дека 61,9 отсто од испитаниците веруваат дека новите влади на Бугарија и Северна Македонија треба да ги задржат своите сегашни позиции, но и да ги надградат за да ги деблокираат преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Од испитаниците 12,4 отсто сметаат дека треба да се зачуваат сегашните позиции, а 25,7 отсто се со став дека треба да се изградат целосно нови позиции.

Слични содржини