Антиќ за прекинот на кошаркарското првенство: МЗТ Скопје мора да сфати дека ова е тимски спорт, тие не се сами во лигата

од Nikola Popovski

Првиот човек на нашата кошаркарска федерација, Перо Антиќ во интервју ги изнесе своите, но и ставовите на раководниот стожер на КФСМ.

На прашањето за одлука да се прекине првенството во Првата лига, без прогласување шампион и без испаѓање во понизок ранг, која наиде на остри критики од страна на ланскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром, Антиќ изјави дека МЗТ Скопје треба да сфати дека ова е тимски спорт и дека не е сам во лигата.

„Тој е клуб со најдобри услови за работа и најдобри резултати последните години, тоа јас не можам да го негирам. Со години е единствен што нè претставува во меѓународните натпреварувања, а учеството во АБА лигата го сметам за многу важен елемент, во период кога Евролигата или ФИБА се недостижни за нас.

Но, мора да се знае дека во лигата постојат и Вардар и Академија ФМП и Пелистер и други, и кон сите треба да имаме ист однос. Сите да имаат исти обврски и исти привилегии. Федерацијата без клубови не може, клубовите без федерација не можат. Тоа е јасно, и го кажав тоа уште кога ја презедов функцијата“, вели Антиќ.

Според него, МЗТ Скопје ги има сите бенефиции како да ја освоил титулата, иако првенството не е ни 50% одиграно, ни според натпреварите, ни според периодот на играње.

„Не се поминати седум, туку речиси четири месеци и 17 кола. Прво сакаа да се добие шампион надвор од терен, па кога не добија поддршка, предложија да се доигра остатокот од сезоната. Тоа не е возможно бидејќи странските кошаркари не се во земјава и не постојат услови да се вратат. Побараа да се воведе дополнителен преоден рок, но тоа не беше возможно, токму бидејќи сите сме еднакви и не може правилата да се менуваат на кого како ќе му текне“, дополнува тој.

На прашањето како тој гледа гледа на притисокот од страна на клубот од Аеродром, Антиќ вели му е жал што луѓето од МЗТ Скопје Аеродром така се однесуваа(т) кон нив.

„Почнаа војна, не дојдоа ни на разговор. Од нас немаше ниеден одговор, односно било каква провокација кон клубот. Дури и тогаш кога за мене зборуваа дека не постојам, и дека не сакаат никаква комуникација со федерацијата. Сите што сме инволвирани, треба да знаеме дека кошарката не почнала од нас и дека таа ќе се игра и откако ќе си заминеме од функциите. Единствено што сакам, уште еднаш да нагласам, дека треба да работиме за општото добро, за доброто на македонската кошарка, за сите да имаме бенефит“, потенцира Антиќ.

Слични содржини