Антиваксери меѓу „белите мантили“: „Нашите сознанија се базираат на научни факти“

од Nikola Popovski

Редовна годишна вакцинација против коронавирус станува идеја за која се повеќе се зборува низ регионот и светот. Во ерата на модерните технологии и социјалните мрежи, пристапот до информации е лесен. Илјадници и илјадници извори кажуваат многу, но вистинска наука е да се добијат точни и валидни информации. Така дојдовме до ситуација на интернет да се води вистинска мала војна меѓу поддржувачите на вакцините и антиваксерите. Додека тие што се за вакцини се претежно луѓе кои веруваат во медицината, не сметајќи ги самите медицински работници, „антиваксерите“ преку ноќ ги наметнаа своите ставови според нивни „сознанија“. Сепак изненадува фактот што меѓу луѓето кои се противат на (задолжителната) имунизација, има и голем број лекари.

Во обид да дознаеме повеќе за мислењето на одредени „негатори“ на вакцинацијата меѓу „белите мантили“, „Локално“ стави во контакт со хрватскиот доктор и професор, Крешимир Павелиќ кој не крие дека е против сегашните вакцини против Ковид-19. Тој вели дека има поддршка од општеството.

-Бев изненаден што секојдневно добивам поддршка од луѓе кои, како што велат кога ми приоѓаат на пат или ми се јавуваат преку е-пошта или телефон, не веруваат во приказната за Ковид, кои гледаат дека се случува нешто што не е во интерес на народот или од оние кои не се вакцинирани и не сакаат. Неодамна ме контактираа и многумина кои се вакцинирале верувајќи во системот и јавните медиуми и сфатиле од различни причини дека можеби не морале да го сторат тоа. Најголема поддршка имам од сопругата и од семејството, вели Павелиќ.

Докторот информира дека досега не бил дел од ниту еден протест против ковид-мерките и вакцинацијата.

– Настапувам, живеам и работам како личност и независен научник и не сакам да бидам член на некое такво или кое било друго движење. Не добивам финансии од никого, ниту сум бил финансиран за да ги објавам моите сознанија. Како експерт, ме повикаа некои политичари или членови на здруженија, а моето име често се споменуваше на протестите против мерките за Ковид-19. Но, јас лично не сакам политички да учествувам во протестите. Мојата улога е целосно научна и слободното време го користам за собирање научни сознанија за ковид-ситуацијата, појаснува Павелиќ.

Професорот исто така информира дека досега немал проблеми со локалните власти и полицијата поради неговите ставови за короната, освен што морал да поднесе оставка како декан на Медицинскиот факултет.

-Мојата улога е да ја прикажам научната вистина онака како што е откриена во научната заедница, која главно сè уште не се споменува во централните медиуми во Хрватска и ЕУ, а веројатно и пошироко. Морам да напоменам дека често се заборава дека научната заедница не е само дел од луѓето кои постапуваат во согласност со наративот што го слушаме со години, а особено не владините агенции. Научната заедница ја сочинуваат сите научници, потенцира Павелиќ.

На прашањето на што ги заснова своите уверувања, д-р Павелиќ вели дека тоа се сознанија и наоди.

– Уверувањето може да биде субјективно и поврзано со личноста за која станува збор и секако верувањата се дел од човековата личност. Сознанијата и знаењето е објективно, засновано на факти кои можат да се знаат и да се утврдат во даден момент. Сепак, на почетокот на пандемијата, бев убеден дека нешто не е во ред со таа приказна. И ова верување го потврдив подоцна до денес со научни податоци од научната литература. Се испостави дека сум бил во право од самиот почеток. Така, накратко, одговорот на вашето прашање е едноставен: моите првични верувања, кои во голема мера се потврдени од сегашните сознанија, се засноваат исклучиво на научно објавени факти кои најчесто не можат да се најдат во централните и познати медиуми бидејќи се врши цензура, ни објасни докторот.

Според него, антиваксерските здруженија се целосно ирационално прикажани и се користат за манипулирање со јавното мислење.

-Овде сакам да кажам дека централните медиуми се обидуваат да ме прогласат за таканаречен „антиваксер“ или „теоретичар на заговор“, што е смешно бидејќи воопшто не знам што значат тие поими. Отворено сум против сегашните „вакцини“ кои насилно се туркаат против луѓето против Ковид. Тоа е непроверен, експериментален генски производ кој предизвика повеќе негативни реакции за една година од која било вистинска вакцина во историјата. За секоја вакцина да стане таква, таа мора да помине неколкугодишни клинички испитувања за да се покаже безбедна. Многу луѓе кои се и пошироко против вакцинацијата воопшто, се луѓе кои имаат лични негативни искуства со вакцините досега. Навистина не е фер поради тоа да се жигосуваат во јавноста. Овие искуства честопати беа прикриени од јавноста, а се чини дека е така и денес, а јавноста има погрешна перцепција за темата. Јас би се нарекол себеси и огромното мнозинство луѓе кои се претпазливи за вакцината, со англискиот термин „vaccine hesitants“ како што е во Америка. Се друго е злонамерно етикетирање на луѓето. Многу факти одат во прилог на денешната политика на принудување на луѓето на т.н „вакцинација“ против болеста Ковид-19, која е слична на грипот и чија смртност е ниска, што во најмала рака е многу чудно!, категоричен е д-р Павелиќ.

Тој појаснува дека луѓето треба да ја знаат вистината, но мора и да се потрудат да дојдат до неа.

– Денес, благодарение на електронските медиуми, тоа не би требало да биде проблем. Моментално сум концентриран на пишување научни трудови во меѓународни списанија за контроверзи и отворени прашања поврзани со Ковид. Во овој контекст, јас сум многу отворен за сите идни прашања за луѓето да ја добијат другата страна на паричката, но повторно, врз основа на научни факти. Клучно е во вакви кризи луѓето да се охрабруваат, без разлика на неизвесноста, и да почнат да размислуваат. Стравот го блокира размислувањето, а знаењето не штити, смета хрватскиот доктор.

Павелиќ информира дека секојдневно го контактираат не само за вакцинацијата туку и за лекување против Ковид-19.

-Луѓето се дезориентирани. Забележав и дека некои вакцинирани кои имаат сериозни нуспојави не сакаат да признаат дека тоа е последица на вакцинацијата, иако самиот производител ги прогласува ваквите проблеми како можни последици од вакцината. За жал, некои лекари го прават истото. Повеќето луѓе бараат помош да ги надминат негативните ефекти од вакцинацијата што е можно полесно или да им помогне да одлучат која вакцина да ја примат. Тука мојот став е многу јасен. Не препорачувам ниту една вакцина која не е подложена на целосна клиничка евалуација и за чии ефекти нема реални и сигурни бази на податоци, а тоа трае веќе неколку години. Не може луѓето да бидат принудени и уценувани на вакцинација со mRNA или кој било друг производ кој е во експериментална фаза и не поминал ни генотоксични и канцерогени тестови. Се повеќе трудови и клинички податоци покажуваат дека бев во право кога јавно кажав дека оваа „вакцинација“ треба веднаш да се прекине, заклучува д-р Павелиќ.

Слично мислење дели и српскиот лекар Алек Рачиќ. Тој во краток разговор за „Локално“ информира дека ја има поддршката од народот, но нема поддршка од државните институции и политичките фактори, без разлика дали се на власт или опозиција.

-Во неколку наврати учествував на протести против воведувањето ковид-пасошите, а по антиглобалистичкиот собир во Белград во март минатата година бев приведен во Министерството за внатрешни работи на Република Србија, вели д-р Рачиќ.

Докторот појаснува дека неговите верувања за короната и вакцинацијата се засноваат исклучиво на професионални и научни показатели.

– Ниту јас лично ниту движењето Српске саборности“ никогаш не сме биле финансирани, а тоа навистина сега е проблем за опстанок на општествено-политичката сцена, објасни Рачиќ.

Докторот Рачиќ појаснува дека не е против старите класични вакцини, туку против новите наногенетски непроверени технологии како што се мРНА вакцините.

– Имам стручна соработка со објаснување на недостатоците во периодите на тестирање на експерименталните mRNA вакцини, рече докторот, додавајќи дека луѓето го контактираат затоа што имаат проблеми во здравствениот систем да пријават нуспојави од вакцините, но како што вели, едвај може да им помогне околу тоа.

Претседателката на движењето „Живим за Србију“, д-р Јована Стојковиќ, според српските медиуми, се смета за најистакната и најгласна антиваксерка кај нашиот северен сосед. Таа во разговор за „Локално“ изјави дека верува дека имаат голема поддршка од народот во Србија, особено за време на ковид-пандемијата. Според неа, свеста за загрозеноста на основните човекови права, репресијата и уцените на здравствените и другите власти е подигната на високо ниво.

– Бевме учесници на протестите против ковид-пропусниците, локдауните, најавите за задолжително тестирање на децата во училиштата, но и на неколку протести од 2016 година кога Србија го доби новиот Закон за заштита на населението од заразни болести. кој во членот 32 предвидува дека „никој не може да ја одбие задолжителната вакцинација“, со што најпрвин се зафатени популацијата на деца кои подлежат на задолжителна вакцинација, но ги загрозува и слободите на другите граѓани бидејќи министерот со истиот закон може да нареди задолжителна вакцинација на неговата популација, посочува д-р Стојковиќ.

Таа информира дека досега имале проблеми со полицијата и властите, поради нивните ставови како здружение.

– Под притисок на властите и Министерството за здравство, против мене беше поведена незаконска и неоснована дисциплинска постапка.Минатата година Службата за борба против организираниот криминал ме уапси мене и потпретседателката на Движењето „Живим за Србија“, психологот Тамара Брадиќ. Во таа прилика беше приведен и мојот сопруг д-р Владимир Стојковиќ. Во медиумите имаше бесрамна кампања на сатанизација и линч, а на социјалните мрежи неколку пати бев изложена на смртни закани. Обвинителството редовно ги отфрла моите пријави по тој повод, додава Стојковиќ.

На прашањето на што ги заснова своите уверувања за вакцините, д-р Стојковиќ кажа дека тоа е врз основа на медицинска литература, јавно достапни документи на регулаторни агенции, производители на вакцини, Уставот на Република Србија и меѓународните конвенции.

Во однос на тоа како се финансираат како движење, српската докторка со амбиции за политичка кариера вели не се дел од ниту една „група“.

-Финансирани сме исклучиво од доброволни донации од луѓе кои ги поддржуваат нашите идеи, кои се многу пошироки од приказната за задолжителната вакцинација, појаснува Стојковиќ.

Претседателката на Движењето вели дека постојат и други здруженија за слобода на избор, но не знаат за здруженија кои се „против вакцинација“.

-Учествувавме на неколку конференции заедно со други медицински работници од регионот кои имаат сличен став. Луѓето многу често не контактираат и тие бараат правен совет од нас. Не даваме медицински совети и никогаш не сме ги давале, заклучува д-р Стојковиќ.

Н.П.

Слични содржини