Апасиев ја спореди Универзална со римскиот Пантеон

од Vladimir Zorba

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев ја спореди универзалната сала со римскиот Пантеон и упати навреди кон градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за плановите на Градот таа да се сруши и да се гради летна сцена.

„Изградена со солидарна помош на 37 земји! Потсеќа на римскиот Пантеон. Симбол на главниот град… И иде еден пијаница и ќе ја рушел!? Оти само за рушење знаат. Ништо немаат изградено. Чунки, толку им се способностите. Мизерија од луѓе и од „карактери“, вели идниот пратеник.

Актерката Јелена Жугиќ на Фејсбук, обраќајќи му се директно на скопскиот градоначалник вели дека три години ги „маткал скопјани“.

– Потпишавте меморандум за соработка со министерот за култура, па долго време си ја префрлавте топката кој ќе гради, оти нели излезе дека Град Скопје нема пари. Па ја префрлавте изградбата на Министерство за култура, па тоа се произнесе дека нема предвидено буџет за таа намена, па добивте пари од Владата за реконструкција, чинам 30 милиони денари… Па лично ти Петре, како одговор на мое советничко прашање, мислам во октомври 2019 година, изјави дека до декември 2019 ќе ги информираш официјално граѓаните дали ќе се реновира и реконструира или ќе градите нов објект …

– Во јули 2020 протнуваш информација за парк и летна сцена на најубавата локација за сала од тој тип, а Градскиот парк е во непосредна близина?! При тоа никаков детал каде и кога ќе биде новиот објект на Универзална сала, оти дури сега ќе почнете дебати за локација на концертната сала – пишува Жугиќ.

Во меѓувреме, потсетува таа, луѓето кои се вработени во Универзална сала се безбедносно загрозени со секое одење на работа, оти објектот се распаѓа.

– За вработените ќе адаптиравте спрат од библиотеката „Браќа Миладиновци“?! Просечниот буџет кој секоја година Град Скопје го доделува на Универзална сала, иако нема скоро никаква културна активност, е 13 милиони денари годишно?! Чисто за споредба , со 3 милиони денари, во „Театар Комедија“ сум продуцирала три премиери кои полнеле сали и биле профитабилни!, пишува Јелена Жугиќ и му порача на Шилегов дека ќе си замине и ќе дојде друг градоначалник кој тоа што ќе го вети во предизборната кампања, тоа и ќе го исполни.

Градот Скопје објави конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк „Универзална“.

Основен предмет на јавната набавка се услуги за архитектонско проектирање. Плановите најдоцна треба да се пратат до Градот до 28 август, а за првите три идејни решенија има награди од 180.000, 120.000 и 60.000 денари. За нив ќе решава шестчлена комисија.

Универзална сала имаше неколку обиди да добие нов изглед и да се реновира, преку нови проекти, но тие решениеја не се остварија.

На 1 октомври 2017 година, пред првиот круг од локалните избори на 15 октомври, СДСМ одржа трибина пред Универзална сала, каде што Шилегов рече дека објектот во кој се одржувале најпознатите домашни фестивали и настапувале големи естрадни имиња, сега е затворен.

„Универзална сала беше омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца тоа е местото на првиот концерт или културен настан. Денес Универзална е запоставено и безживотно место, наспроти нејзиниот сјај во минатото. Иако најавувано во повеќе наврати, нејзиното ревитализирање не се случи. Се сеќаваме на на времето кога Универзалната сала беше дом на фестивалот „Златно славејче“. Веднаш го почнуваме процесот за изградба на салата според најсовремените стандарди за безбедност, техника, за удобност на гледалиштето и за пристап до салата“, стои пак во изборната програма на Шилегов од 2017 година.

Слични содржини