Апасиев: Украдени ни се тројца пратеници

од Берта Китинска

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на прес-конференција рече дека се сомневаат дека партијата по вчерашните избори е оштетена за минимум околу 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4. Ќе поднесат приговор во законскиот рок од 48 часа, а најави и кривични пријави против членовите на ДИК зашто ова е, рече, „невиден скандал во досегашната изборна историја“. Соопшти дека засега немаат контакти со политички партии за коалицирање, но дека со СДСМ нема за што да разговараат.

-Она што најмногу загрижува е тоа што има најмалку 80 000 гласови кои се несоодветни. Според нашиот аналитички центар, не кореспондираат електонските записници со хартиените записници. На овој начин, ние сме искрадени по 30-40 гласа во урбани средини по избирачко место, а пратениците кои „висат“ во овие три изборни единици се за 200 до 600. Тоа значи дека доколку не беа овие изборни нерегуларности ние ќе имавме чисти плус тројца пратеници. Сега засега имаме двајца пратеници чисти. Се прави максимален обид од СДС да ни го земат и вториот пратеник во Третата изборна единица, кој е чист како солза. Ќе дадеме максимум од себе да дојдеме барем до тројца пратеници, рече Апасиев.

Хакерскиот напад на страницата на ДИК го нарече изборен масакр и дека по разговор со стручни лица смета дека дистрибуиран напад на сајт чини неколку милиони евра, а само неколку луѓе или структури во државата, рече тој, тоа може да го спроведат.

Незадоволен е од изборниот модел кој, рече, ќе мора да претрпи измени зашто не може да опстои и тоа ќе биде негов прв предлог како пратеник во Собранието за промена во една изборна единица.

-Ова е шизофрен изборен модел, кој ја фалсификува волјата на граѓаните. Затоа што еден пратеник на СДС и ДПМНЕ чини седум илјади гласа, а еден пратеник на Левица чини скоро 19 илјади гласа или два и пол пати повеќе. Иронија е што Алијанса и Алтернатива, кои имаат двапати повеќе освоени гласови од нас, имаат шест пати повеќе мандати од нас, рече Апасиев.

Но е презадоволен, рече, од изборните резултати со ваков изборен модел, нагласувајќи дека „Левица направи невиден скор во историјата на независна Македонија, која го нема направено ниту една политичка партија на овој изборен модел“.

-Презадоволни сме од граѓаните кои дадоа официјано 40 илјади плус 10 илјади украдени односно околу 50 илјади гласови, што е пет пати повеќе од изборите во 2016. Тоа покажува дека идеологијата на Левица фаќа корен во народот. Веруваме дека ќе има наредни предвремени парламентарни избори, бидејќи е ова Пирова победа. Кој и да состави влада нема да може да ја одржи до крај. На наредните избори Левица ќе влезе со двоцифрен број пратеници, рече лидерот на оваа партија.

На новинарско прашање одговори дека засега немаат контакти со ниту една партија и веројатно преговори ќе има откако ќе биде даден мандатот за формирање влада, но, рече, „начелно со СДС и Заев нема што да разговараме“.

Слични содржини