Apple привлече важен инженер од Lamborghini

од Vladimir Zorba

Иако заглави и направи неколку големи чекори наназад, проектот Apple Car сè уште не е мртов. Технолошкиот гигант го ангажираше „големиот ѕвер“, Луиџи Тараборели, кој работеше во Lamborghini 20 години.

Од 2008 година, тој е шеф на развој на суспензија и управување во италијанскиот производител на суперавтомобили. Неговата работа вклучуваше развој на системи за суспензија, управување, сопирање и помош на возачот на Urus, Huracan и Aventador, како и ексклузивните Centenario и Veneno. Изгледа дека Apple го „улови“ вистинскиот човек кој ќе се погрижи нивниот автомобил да биде забавен за возење, пишува Јутарњи.хр.

Досега Apple се мачеше да најде партнер за проектот и наиде на многу затворени врати. Пред една година тие преговараа со Hyundai, но планот пропадна бидејќи корејскиот производител не сакаше да го произведува автомобилот на Apple во своите фабрики.

После тоа, Apple се сврте кон Nissan, но тие преговори пропаднаа од истите причини како оние со Hyundai. Малку подоцна се појавија гласини дека преговараат и со Toyotа, но и тоа не успеа.

На крајот на краиштата, Apple ја смени тактиката и одлучи да го развие возилото целосно независно, без партнерство со кој било производител на автомобили. Очигледно сакаат да започнат со производство уште во 2024 година, но тоа звучи малку преоптимистички, ако се земе предвид дека развојот на автомобил обично трае околу пет, шест години.

Исто така, тешко е да се поверуваат гласините дека автомобилот ќе биде целосно автономен без никакви контроли како волан и педали. Многу поверојатно звучи тврдењето дека компанијата развива напредна батерија за автомобил.

Apple започна да работи на развојот на нивниот автомобил во 2015 година, но една година подоцна се откажаа и се префрлија на развој на технологии за автономно возење. Во 2020 година повторно се предомислија и решија да направат автомобил. Тие, наводно, веќе вработиле 200 луѓе кои работат на неговиот развој.

Слични содржини