Аранитаси ‒ Ангеловска-Бежоска: Успешното работење на НБ се предуслови за одржување поволен економски амбиент

од Vladimir Zorba

Ценовната и финансиската стабилност се предуслов за економскиот развој и обезбедуваат простор којшто треба да се искористи од другите носители на политики за остварување структурни реформи коишто ќе придонесат за стабилен и долгорочен економски раст. Притоа, успешното работење на Народната банка е клучно за македонската економија. Ова се докажа особено од почнувањето на корона-кризата наваму, кога се потврди дека капацитетот којшто го има изградено Народната банка ѝ овозможи навремено и ефикасно да дејствува во рамките на својот мандат, за да ја поддржи економијата во справувањето со ефектите од кризата. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) преку своите проекти дополнително овозможува поддршка за создавање поволни услови за економско закрепнување.

Ова беше истакнато на работната средба меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и Анди Аранитаси, претставник на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Република Северна Македонија. На средбата, меѓу другото, беа разгледани и согледувањата на Народната банка за состојбите во економијата, согласно со проекциите. Притоа, уште еднаш беше потврдено дека ќе продолжи поддршката на ЕБОР за македонската економија, преку повеќе форми на кредитна поддршка за корпоративниот сектор, за што од голема важност е соработката и комуникација со Народната банка, чии проекции се клучни за согледувањата на меѓународната јавност, вклучително и инвеститорите.

На средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна подетално на последните макроекономски проекции и очекувањата за економијата за претстојниот период. Најновите очекувања за економскиот раст се непроменети во однос на априлските проекции, при што во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година економската активност би растела со идентична стапка на раст од 3,9% и постепено би достигнала стапка од 4%, на среден рок. Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Во периодот на проекциите се очекува солиден кредитен раст, којшто оваа година ќе изнесува 7,1% и постепено ќе забрза достигнувајќи околу 8% на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите во периодот на проекциите, како главен извор на финансирање на банките. Како што истакна Аранитаси, слични се и проекциите на ЕБОР според кои се очекува раст на македонската економија од 4% оваа и наредната година.

ЕБОР е присутна подолг временски период во Република Северна Македонија, при што нејзините активности се насочени главно кон зајакнување на конкурентноста на македонската економија, како и зајакнување на регионалната интеграција и приближување кон стандардите на ЕУ. Покрај тоа, ЕБОР преку своите проекти и активности се стреми кон унапредување на пазарот на капитал во домашната економија и негово регионално поврзување, заради ефикасна распределба на финансиските средства. ЕБОР исто така презема и активности, односно поддржува и проекти за транзиција на македонската економија кон модел којшто овозможува позитивни ефекти врз животната средина. Оттука, дел од проектите се насочени кон зголемување на ефикасноста во користењето на ресурсите и користење одржливи енергетски извори.

Слични содржини