Арганово масло: Тајна на квалитетната козметика

од Elena Daskalova

Аргановото масло што денеска често се користи за нега е составен дел на голем број козметички производи. Се произведува од плодовите на истоименото дрво, кое во Мароко се смета за дрво на животот, бидејќи е отпорно на суши и е долговечно – може да опстане и до 200 години.

Природен лек кој го подобрува здравјето

Дрвото арган се наоѓа на листата на УНЕСКО, поради тоа што е важно за одржување на еколошката рамнотежа во природата: тоа е храна за животните, заштита за другите растенија и спречува ерозија на почвата. Луѓето во овие делови одамна го користат и како додаток во исхраната.

Аргановото масло може да се додаде во намази и да се пржи со него, а Мароканците советуваат да се комбинира со козјо сирење, со салата, да се додаде во овесна каша или во јогурт. Го користат и како природен лек за имунитет, но и за ублажување на воспаленија.

За еден литар масло, потребни се 100 килограми плодови

Ова скапоцено масло одамна е познато во Африка како еликсир на убавина, а глобална популарност стекна во последните неколку години. Традиционално, жените кои го произведуваат прво рачно ги кршат лушпите на семките, за да дојдат до помалите семчиња внатре, кои потоа се преработуваат со ладно цедење. За еден литар масло, потребни се околу 100 килограми плодови и 20 часа рачна работа.

Го подобрува тонусот на кожата

Поради концентрацијата на активни состојки, ладно цеденото арганово масло ја обновува кожата, ја негува косата и ги зацврстува кршливите нокти. Тоа исто така ги подобрува циркулацијата и тонусот на кожата на лицето и со тоа го забавува процесот на стареење. Штити од ултравиолетови зрачења, а има и антигабично и антивирусно дејство.

Аргановото масло одлично ги обновува липидите, односно мастите кои се наоѓаат во заштитниот слој на кожата, а важни се и за хидратацијата. Масните киселини од аргановото масло имаат слична структура, па затоа со редовно користење кожата на лицето и телото природно се обновува.

Слични содржини