Архитектка Мојсиќ за проектот „Гранд“ Скопје: Видов визија за едно ново, урбано, модерно обликувано Скопје

од Vladimir Zorba

Познатата архитектка Хелена Мојсиќ, магистер по архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје и докторант на Државниот факултет TUW во Виена за архитектура и просторно планирање, со свој став во врска со презентираниот проект „Гранд“ Скопје на инвеститорот МГ ФЕШН, кој е предвидено да се гради на парцелата 1.1 спроти хотелот „Холидеј Ин“.

Таа внимателно го анализира идејниот проект и го споредува со светската, модерна архитектура, применета на многу станбено-деловни објекти во Белград, Милано, Љубљана, но и пошироко. Вели дека овој проект е „контакт на зеленилото со човекот“; архитектонски израз кој потсетува на творештвото на Кензо Танге.

„На презентацијата на станбено-деловниот проект видов еден модерен, авангарден и светски станбен и деловен комплекс. Видов визија за едно ново, урбано, модерно обликувано Скопје. Архитектонски израз кој мене како архитекта ме потсети на проектите на Скопје после земјотресот во творештвото на познатиот архитект Кензо Танге. Колегите од „Радиус Архитекти“ воделе сметка за вклопување на потребните содржини на најдобар можен начин, водено е сметка за вклопување на објектите во однос на соседните архитектонски дела, како ГТЦ, преку употребата на изразените хоризонтали, појавата на зелени хоризонтални појаси и отвореноста на комплексот кон околината. Од аспект на урбанизмот, почитувани се главните принципи на поставување на објектите како во парцелата, така и во односот на објектите од комплексот со интеракцијата со околината, како и анализата на движењето хоризонтално и вертикално во комплексот. Внимавано е на движењето на воздухот помеѓу објектите, на сенките кои објектите ги фрлаат еден на друг и морам да нагласам и за висината, која доликува на објекти во самиот центар на градот со отворена визура кон кејот на Вардар; проектирање на станбени и деловни објекти долж течението на река, на пример Белград и новите проекти кои лично имав можност да ги следам во текот на градењето.„ – истакнува Мојсиќ.

Таа вели дека архитектурата служи за луѓето да ја користат, живеат и уживаат во неа и покрај неа, односно при секој визуелен контакт и непосредно користење и функционирање да ѝ се радуваат и восхитуваат.

„Во проектот, видов објект кој ме воодушеви исто како во Милано кога видов ваков облакодер со бели нагласени хоризонтали и зелени вертикални и хоризонтални појаси и посакав како архитект да го сликам и посакав во мојот град да го имаме.“ – истакнува Мојсиќ и додава дека ваков тип на станбено-деловни објекти има многу во светот, од новите светски трендови на контакт на зеленилото со човекот, можноста за враќање на зеленилото во секој станбен и деловен простор и можноста да корисниците на истиот уживаат во визурите на градот.

„Секој би посакал да влезе во овој објект, да живее и твори, а исто така и да помине околу да се гордее и од сите можни погледи, од МНТ од Кејот. Идејата за мост е интересна, една Љубљана има многу мостови во центарот на градот и тоа со новиот современ проект за уредување на градот, во кој центарот на градот се враќа на пешаците, а нив им служат мостовите.„ – потенцира архитектката.

Како архитект кој работи во делот на проектирање на станбени и деловни објекти, посебно и најмногу во општина Центар, Скопје и чии проекти моментално се реализираат и градат, таа додава дека во однос на анализите од други колеги е дојдено време да се размисли кој воопшто анализира и критикува и колку има остварено преку сопствени дела, бидејќи теоријата без реализација е многу ризична и опасна.

Мојсиќ, инаку, покрај тоа што е сопственик на своја архитектонска фирма, во нејзиното професионално резиме се вбројуваат учества на голем број меѓународни конкурси, а има изработено и изведено повеќе десетици проекти за станбено-деловни објекти, како и ентериерно уредување. Истовремено е и член на Архитектонската комора на Македонија и на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.

Слични содржини