Арсовска ѝ аплаудираше на Попова, Андоновски: Можеби и нема да аплаудираше ако знаеше дека нема да гласа за ребалансот на Буџетот

од Nikola Popovski

Тоа е законски дозволено, но некоректно кон гласачите кои и овозможија да стане советник по втор пат. Имено, во Македонија не постои системот на отворени листи каде што се гласа за човек, туку се гласа за листа на партии. Токму на тој начин, веќе 5та година советникот добива месечен надоместок на „грбот“ на партиските членови кои беспоштедно се вложија во кампањата, симпатизери и поддржувачи на партијата и коалицијата, вели во разговор за „Локално“ советникот во Советот на град Скопје и секретар за меѓународна соработка при ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски за „пребегнувањето“ на советничката Ирена Попова која во иднина ќе дејствува како независна. 

Според него околу одлуката на Попова, кога не се сложувате со одлуките на партијата, фер е да си дадете оставка од позицијата.

-Поновата македонска историја покажува дека оние кои се одделиле од партијата без да бидат доблесни и да си дадат оставка од функциите на кои таа партија ги поставила, брзо ја завршиле политичката и општествената кариера, посочува Андоновски. 

Советникот порачува дека најважно во овој момент за граѓаните на град Скопје се проектите и активностите од интерес за граѓаните да продолжат да се реализираат.

-Преку гласањето за амандманите на ребалансот и јасното мнозинство во текот на вчерашната седница, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија јасно покажа дека се грижи за граѓаните. Овозможивме помош на лицата во социјален ризик за време на енергетска криза, нови проекти во градската инфраструктура, помош во културата и спортот. Жално е што ниту градоначалникот, а ниту Попова не ги поддржаа овие мерки, ниту пак за ребалансот на буџетот со што овие проекти треба да станат реалност, информира Андоновски.

Градоначалничката Данела Арсовска аплаудираше на одлуката на Попова за напуштање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на што Андоновски одговори дека „би бил посреќен ако Арсовска аплаудираше на отворањето на Луна Парк кое го вети за крајот на оваа година“.

-Можеби и нема да аплаудираше на изјавата ако знаеше дека на крајот на истиот ден Попова нема да гласа за ребалансот на буџетот кој токму Арсовска и го предложи, прецизира советникот.

Околу актуелната ситуација во Советот на град Скопје, Андоновски истакнува дека состојбата е напорна, но очекувана, кога станува збор за т.н. „кохабитација“ на двете тела на градот Скопје – градоначалникот и Советот.

-Ние, како мнозинство во Советот,  продолжуваме да се грижиме за граѓаните на Скопје, независно од подместувањата и византиските игри кои ги прави кабинетот на градоначалникот. Оттука, скопјани треба да бидат спокојни, затоа што Советот и мнозинството продолжуваат да ги исполнуваат ветувањата дадени на минатогодишните избори. Ако нешто би можел да апелирам, тоа би било сите да се фокусираме на реализација на ветувањата, а не на меѓусебните лични напади, оценува советникот.

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Шопова за „Локално“ вели дека Попова која по втор пат е советник има должност да ги штити интересите на тие кои и овозможиле да ја добие оваа функција.

-Нејзиното напуштање на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија е нејзина лична одлука и таа ќе ја почитувам, и се надевам дека и понатаму ќе биде доследна да ги штити интересите на граѓаните со своите ставови во иднина, истакна Шопова.

Советничката не очекува дека некој друг би ја напуштил нашата советничката група, „која како и досега така и понатаму продолжува да ги штити интересите на граѓаните и да ја потсетува градоначалничката во реализирање на програмата „За модерно Скопје“ зад која застанавме ние како партија но и граѓаните“.

-Победата Арсовска ја доби на изборите и нејзино е да ја оправда со реализирање на програмата и видливи дела, да одговара на поставени советнички прашања, да не ветува реализации со “ЌЕ”кое граѓаните во изминатиов период често го слушаа и слушаат од централната власт, наместо да аплаудира. Победник е тој кој добива аплауз после успешно реализирана програма!, истакнува Шопова.

Советничката информира дека „моменталната ситуација во градот е хаотична, незадоволни граѓани, незадоволни работници во ЈП, посебно после промената на директорите во ЈП, неосновани обвинувања, користење на говорницата за свој политички маркетинг,за упатување навреди кон Претседателот на Сове, не почитување на деловник за работа на Совет и ред други неправилности“.

-Но и покрај се , нашата советничка група продолжува да делува конструктивно и во интерес на сите граѓани ќе бараме одговори и одговорност, стои во ставот на соговорничката.

Н.П.

Слични содржини