Арсовска: Татко ми никогаш не бил функционер, вршат хајка врз мене

од Nikola Popovski

Навистина добро ги изменаџиравме првите 100 дена од работењето. Сите оние работи кои беа ветени ги реализиравме исто како што ги ветивме пред изборите, вели градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска во емисијата „Трилинг“.

Според неа, градот се наоѓа во незавидна ситуација, што од долговите, така и поради економската криза во која е земјава.

-Злоупотребени средства, нетранспарентно трошени средства. Прикажуваат дека стопираме проекти, а тоа не е така. Решаваме проблеми, додава Арсовска.

Градоначалничката исто така потенцира дека иако ЈСП Скопје е во долгови, ќе има бесплатен јавен превоз за постарите граѓани.

-Долговите се триплирани и има опструкции. МВР секојдневно ги испраќаше автобусите на ЈСП на технички преглед, рече Арсовска.

На прашањето околу „бетонизацијата“ на Скопје и се помалку зеленила, Арсовска вели дека нејзините ингеренции се лимитирани.

-Градот Скопје не издава дозволи. ДУП-овите во времето на мојот претходник се завршени и тоа е готова работа. По основ на зеленилото, си дадовме ветување дека ќе превенираме во насипот на пределот на Водно. Добро се движиме кон тоа, со минимум 100.000 садници годишно. Пет мегапаркови ќе имаме и секоја година во останатите општини и работиме заедно со граѓанскиот сектор за заштита на Водно, информира Арсовска и додаде:

-Мојот татко никогаш не бил никаков функционер, најмалку висок. Тоа е лага и измислица од личностите што сакаат да ми наштетат и прават хајки, ми испраќаат закани и сакаат да ме деградираат. Секој еден збор кажан е лага. Ниту било кој од моето семејство бил функционер, рече градоначалничката, одговарајќи на прашањето што мисли за информацијата дека ДКСК ќе го испитува потеклото на имотот на нејзиниот татко.

Слични содржини