Арсовска ветила плата за вработените на ЈСП, наводно се доцнело поради „технички прием“ (ФОТО)

од Vladimir Zorba

Трите репрезентативни синдикати во ЈСП Скопје денеска оствариле средба со Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Според нив, прашањето во однос на платите за вработените е решено, а наводно поради технички прием се доцнело со истата.

Бесплатен јавен превоз за сите скопјани и понуда на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили најави во својата кампања Арсовска.

„Сведоци сме на лошо работење на ЈСП поради непродуктивни трошоци, непостоење на систем за брз и ефикасен превоз“, изјави таа минатиот месец.

„Кога имате брз и ефикасен бесплатен превоз, секој од нас наместо да користи автомобили ќе го користи овој превоз, а со тоа значително ќе се намали загадувањето“, смета Данела Арсовска.

Таа најави и воведување на ноќни линии посебно во викенд и воведување на нови автобуски линии и нови постојки. Голем број од линиите ќе бидат и зачестени и проширени во својот дофат.

Арсовска пред неколку дена изјави и дека нема да го продолжи проектот Бас рапид транзит (БРТ) од нејзиниот претходник Петре Шилегов.

-Јас БРТ не ветив, јас ветив брз навремен и беплатен превоз и 250 автобуси, БРТ беше на претходниот градоначалник, кој што не беше избран, што би значело дека граѓаните не го одбраа овој проект. Јас ќе се фокусирам само за она за кое скопјани ми дале мандат, порача Арсовска.

Се надоврза на нејзиното ветување за слободен јавен превоз за сите граѓани.

-Луѓето планираат да се селат на Марс и патуваат до месечината, се е возможно, па така возможен е и бесплатниот градски превоз. Имено, станува збор за нешто што е имплементирано во други развиени земји, појасни таа барајќи да и се даде потребно време за реализација.

ЈСП Скопје има еден од најголемите буџети, но зависен е од државата и градот Скопје. Вкупните приходи во 2020 година му биле 1,6 милијарди денари, но 715 милиони од нив биле од градскиот буџет и од Министерството за образование. Лани ЈСП имало на располагање повеќе од 27 милиони евра.

Слични содржини