Арсовска: Вработените во ГЕС земале високи плати, а не работеле ништо

од Nikola Popovski

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска вечерва се огласи во врска со вработените во Градски енергетски системи (ГЕС). Според неа, „лицата не работеле ништо, а земале високи плати“.

-Некој кој формираше претпријатие во кое 3 години вработените трошеле пари на граѓаните за високи плати не работејќи ништо, најмалку што треба да направи е да се скрие од јавноста наместо да ја истакнува својата неодговорност кон средствата на граѓаните во време на криза. ГЕС, неговиот управен одбор, директор и вработени за 3 години потрошиле повеќе од милион евра пари на граѓаните без да реализираат ниту една активност, објасни Арсовска преку објава на социјалните мрежи.

Претходно претпријатието остана без вработени, откако сите си дале отказ, затоа што три месеци не зеле плата и останале без здравствено осигурување.

По ваквиот развој на настаните, реагираше и претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.

„Упатство за користење на ГЕС (Градски Енергетски Системи) – кратка верзија:

1. Аплицираш и добиваш лиценца за дистрибуција на топлинска енергија. Надминат е проблемот со БЕГ и сега лиценцата може да се добие.

2. Во истиот момент, стануваш дел од билингот (наплатата) и со наплатените сметки претпријатието станува доходовен субјект. Трошоците на производство не се на ГЕС, туку на ТЕТО, така што немаш потреба да купуваш гас за неговото функционирање.

3. Мрежата е стасана до Ист Гејт. Со 600-800 метра цевковод, ја спојуваш мрежата со онаа на ЕСМ која функционира во Железара и Гази Баба.

4. Помалку од 2 километра цевковод (по трасата на бул. Хрватска) се потребни да се спои системот со Топлана Север. Така целиот град го ставаш (изедначуваш) во техничката можност за дистрибуција на топлинска енергија.

5. (Не е задолжително). На северниот дел од градот распишуваш концесија за гасна електрана (топлинска енергија е нус продукт на процесот, исто како ТЕТО). Таму секако поминуваат четири 110kw кабли и е блиску конекцијата до трафостаницата кај Радишани (една од главните во градот).

Вака за период од 10-15 години (ако ја правиш новата енергана, ако не за помалку од 3 години), стануваш фактор во енергртската политика и созадаваш можност за организирано и евтино затоплување на домовите. А да, стратешки решаваш и аеро загадување од затоплувањето.

И да. Многу е поедноставно да ги избркаш луѓето и да го згаснеш ГЕС, затоа што во реализација на кратково упатство има бајаги работа, детали, управување со процеси и луѓе. Има дури и експропријација“, напиша тој на Фејсбук.

Слични содржини