Арсовски: Чесно е партиите да кажат дали прифаќаат уставни измени или се за прекин на преговорите

од Stefanija Kuzmanovska

Бугарија треба да направи повеќе чекори за враќање на довербата, нашите односи се влошуваат во континуитет, смета плитичкиот аналитичар Петар Арсовски. Во гостувањето во „Само вистина“ тој кажа дека на ова поле има голем простор за работа.

-Македонија изгледа како возрасниот во таа дебата, а Бугарија како да има поадолесцентен однос. Сепак, проблемите во односите не се содржат во предлогот за уставни имени. Таа дебата за уставните измени ќе дојде, но тие се само капка во целиот пакет, тоа е најбенигната капка. Ако мислиме дека уставните измени се најголем проблем во преговорите со ЕУ, многу сме згрешиле. Кога ќе кажете дека сте против уставните измени, тогаш тоа значи дека сте против преговарачката рамка на ЕУ и тогаш сте за прекинување на преговорите. Во таков случај ќе треба да се откажаме, да чекаме како што некои велат, Бугарија да се свести, па да има некои нови генерации и поколенија за почеток на преговорите за членство со Унијата, рече Арсовски.

Тој додаде дека процесот на преговори овозможува било која од 27-те земји членки да блокира било кое поглавје за време на преговорите.

-Се соочуваме со геополитичка ситуација кога има војна во Украина и кога се зазема страна. Со ваква геополитичка ситуација ние сме донесени пред избор со кој или ги прифаќате уставните измени или не и тука завршуваат преговорите за членство… Никој, ниту една партија не кажува во тој избор што ќе одлучи. Изборот во моментов е таков и чесно е партиите да кажат во ваков избор што тие би избрале, кажа Арсовски.

Слични содржини