Арсовски: Не може само шалтерски службеници да се обвинуваат за криминал

од Nikola Popovski

Највисоката инстанца на САД во својот извештај тврди дека криминалот и корупцијата во Владата се на највисоко ниво и им попречуваат на бизнисот во Република Македонија. Криминалот и корупцијата во СДСМ и во власта го заземаат највисокото можно ниво. И кога Заев вели дека нема криминал и корупција во највисоките ешалони, со тоа им се смее во лице на Стејт Департментот и на граѓаните кои секојдневно го гледаат криминалот, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Кога Заев вели дека не треба да бара одговорност од Љупче Николовски за високото ниво на корупција оти добро си ја вршел работата, стотици бизнисмени плачат секојдневно од оваа Влада. Да потсетиме, дека и правосудните органи и Антикорупциската комисија се партиски испостави на СДСМ и Заев, кои само работат под негов диктат и спроведуваат партиски нарачки. Нема ниту еден случај сведен до самиот крај каде што одговарал некој од власта за било каков направен криминал“, рече Арсовски.

„Ваква недоветност и вакво лажење од страна на премиер до сега не е видено никаде. Замислете, Драги Рашковски кој му беше секретар на Влада, обвинет за висока корупција и криминал, Заев да вели дека не е прв ешалон. Венко Филипче, министер кој бркаше провизии на вакцини, кој заработи во време на пандемија, кој мести тендери секојдневно на клиника, Заев да вели дека не е прв ешалон. Криминалот во МВР каде што директно е одговорен Оливер Спасовски, кој што дели лични карти и пасоши и се останато на криминалци и нарко босови, Зоран Заев да вели дека и овој човек не е прв ешалон. Катица Јанева во СЈО чиј цел тим беше од блиски луѓе и од блиска средина на СДСМ која рекетираше бизнисмени и јавно се зборуваше дека парите и ташната завршиле кај семејството Заеви, повторно Зоран Заев да вели дека овие луѓе не се прв ешалон. Не може за нивниот криминал да им се виновни шалтерски службеници кои само издаваат документи“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини